На граничниот премин „Богородица“, на влез од Грција во Северна Македонија, утрово биле запрени 11 пратки со отпад.

Запрени 11 камиони со РДФ-отпад односно преработено алтернативно гориво чија крајна дестинација била Цементарница „Усје титан“. Вкупна количина на отпадот е 261 тон. Приколките со отпад ќе бидат задржани, а примероци од отпадот ќе се испратат на испитување во акредитирана лабораторија, веројатно во странство.
Вонредната контрола ја извршуваат Државниот инспекторат за животна средина во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање и со Царинската управа.

„По случаен избор од два камиона беа земени мостри, а другите камиони се органолетички прегледани. Со цел поголема веродостојност на резултати, земените мостри ќе бидат доставени до две лаборатории и тоа до Хемиската лабораторија на РЖ Техничка Контрола, како и до Истражен центар за животна средина во Република Естонија“,
соопштија од Министерството за животна средина.
Пред пет дена, од менаџментот на Цементарница „Усје титан“ излегоа на прес-конференција на која зборуваа за користењето на алтернативни горива и посочија дека не се сметаат за загадувачи, односно дека се невистинити написите во јавноста, потенцирјќи дека користат најдобра пракса во работењето согласно стандардите на ЕУ.

Генералниот директор, Борис Хрисафов, рече дека единствено што увезуваат се резервни делови и енергенси. Од енергенси, објаснуваше Хрисафов, увезуваат јаглен и алтернативни горива.
„Алтернативните горива се горива кои цела Европа ги користи. Ние сме дел од групацијата ‘Титан’ и нешто што е веќе пракса во нашата групација, а многу повеќе години е пракса и во ЕУ и пошироко“,
рече Хрисафов.
Според неговите тврдења, фабриката во Скопје користи исклучиво неопасен отпад, нешто што и тие самите го барале.
„Другите цементарници во цела Европа и во светот користат какво било гориво од каков било отпад. Познавајќи ја ситуацијата во Македонија и стравот на луѓето, ние одлучивме да не одиме подалеку туку да одиме само до фракции со потекло од неопасен отпад и таков е увезен“,
посочи Хрисафов.

Тој рече дека цементарницата користи алтернативно гориво од 2019 година согласно интегрираната еколошка А-дозвола и дека од вкупната количина на енергенси што ги користат на алтернативно гориво отпаѓа 4 проценти.