Во однос на мерката на Владата за ограничување на висината на бруто-профитната маржа на производите, од ССМ велат дека таа го нема дадено посакуваниот резултат

На едно четиричлено семејство во октомври годинава му се потребни 61 249 денари за покривање на основните месечни потреби. Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), вредноста на минималната синдикална кошница за октомври е за 57 денари помалку од таа во септември кога изнесуваше 61 306 денари.
Кошницата се однесува на едно четиричлено семејство со две малолетни деца, за да ги покријат основните потреби и доколку живеат во сопствен стан.
Ако истото семејство живее во стан под наем, тогаш во октомври му биле потребни дополнителни 15 375 денари, со што кошничката се зголемува на 76 624 денари.
Според ССМ, најмногу пари се потребни во делот на храна и пијалаци. Во октомври за покривање на овие трошоци биле потребни 22 069 денари, што споредено со претходниот месец има намалување за 965 денари.
Во однос на мерката на Владата за ограничување на висината на бруто-профитната маржа на производите, од ССМ велат дека таа го нема дадено посакуваниот резултат.
„Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат. Поради алчноста за профит кај трговците што државата мора да ги заузда, тие, што кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи. Ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалаци во Синдикалната минимална кошница“,
велат од ССМ.
Од ССМ велат дека ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту пак со здравиот разум, туку, како што велат, има поврзаност само со алчноста која е се поизразена во Македонија.
За мерките да бидат подобри од ССМ велат дека во нивното креирање Владата треба да го вклучи и синдикатот.
„Во последната мерка 47 категории на производи од 70, беа преземени од Синдикалната минимална кошница која ја подготвува ССМ, а за кои го имаат движењето на цените во секој месец од почетокот на годината“,
велат од ССМ.
Оттаму додаваат дека се потребни поголеми контроли и доколку е потребно и казни за несовесните трговци кои се богатат на грбот на работниците и граѓаните.