Истовремено, второстепениот суд донел одлука со која ја потврдил првостепената ослободителна пресуда за поранешната пратеничка и поранешна висока функционерка на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски
На една од јавните седници на Апелацискиот суд, на која обвинетите и нивните бранители ги изнесоа жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд, првообвинетиот Бојан Јовановски побара да добие фер судење во кое ќе ја докаже својата невиност, а рече дека ќе биде задоволен и со мериторна ослободителна пресуда на второстепениот суд
Бојан Јовановски познат како Боки 13 и уште тројца обвинети во случајот „Меѓународен сојуз“ повторно ќе седнат на обвинителна клупа откако Апелацискиот суд Скопје денеска соопшти дека делумно ја укинал првостепената пресуда и го вратил предметот на повторно судење во скопскиот Основен кривичен суд.
Како што соопштија од Апелација, Судот ги уважил жалбите на Бојан Јовановски, Јасна Ерцеговиќ, Христина Блажевска, таткото на Боки 13, Миле Јовановски, и на правното лице „Меѓународен сојуз“ на првостепената пресуда.
Истовремено второстепениот суд донел одлука со која ја потврдил првостепената ослободителна пресуда за поранешната пратеничка и поранешна висока функционерка на СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски, која беше обвинета во случајот за измама.
Апелација ја потврди и ослободителната пресуда за Христина Блажевска за кривичното дело измама, но таа повторно ќе се најде на обвинителна клупа во Кривичен за другото дело кое ѝ се става на товар – помагање при перење пари и други приноси од казниво дело.
Со првостепената пресуда Блажевска за ова кривично дело беше осудена на една година затвор.
Инаку, највисока казна според сега укинатата првостепена пресуда во случајот доби Бојан Јовановски, кој беше осуден на вкупно девет години затвор за кривичните дела измама и перење пари.
На една од јавните седници на Апелацискиот суд на кој обвинетите и нивните бранители ги изнесоа жалбите на пресудата на Основниот кривичен суд, првообвинетиот Бојан Јовановски побара да добие фер судење во кое ќе ја докаже својата невиност, а рече дека ќе биде задоволен и со мериторна ослободителна пресуда на второстепениот суд.
Според одлуката на Апелација, Миле Јовановски, таткото на Боки 13, ќе треба да одлежи казна затвор од една година за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Сепак нему, според соопштението на Апелација. повторно ќе му се суди за делото помагање при перење пари и други приноси од казниво дело.
„Апелацискиот суд Скопје, со решение ги уважи жалбите на обвинетите Б.Ј., Ј.Е., Х.Б. и обвинетото правно лице М.С., сите од С. и по повод жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје КОК.бр.49/20 од 07.04.2022 година под став I од изреката по однос на обвинетиот Б. Ј. од С., за кривично дело Измама од чл.247 ст.4 в.в. ст.1 и в.в со чл.45 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 од Кривичниот законик, обвинетата Ј. Е. од С., за кривично дело Измама од чл.247 ст.4 в.в. ст.1 и в.в со чл.24 од Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, обвинетата Х. Б. од С., за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик, обвинетиот М. Ј. за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 и в.в. со чл.24 од Кривичниот законик и обвинетото правно лице А.З.Ц.О.С.З.К- М С. од С.– Ц., за кривично дело Измама од чл.247 ст.8 в.в. ст.4 в.в. ст.1 од Кривичниот законик, ја укина и предметот во тој дел го врати на повторно судење пред првостепениот суд“,
се наведува во соопштението на Апелација.
Соопштението на Апелацискиот суд Скопје во целост може да го прочитате на следниот ЛИНК.
Судскиот процес за случајот „Меѓународен сојуз“ траеше нешто помалку од две години. Имено, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) обвинението го поднесе на 3 јануари 2020 година, на 12 мај истата година тоа беше одобрено од судот, а судскиот процес почна во јули 2020 година. Судењето заврши на 7 април 2022 година со изречени три затворски, една условна и една ослободителна пресуда.
Првообвинетиот Бојан Јовановски со првостепената пресуда беше осуден на по пет години за двете кривични дела измама и перење пари, кои судот му ги пресмета во единствена казна од девет години. Јасна Ерцеговиќ доби по две и пол години за помагање во двете дела и беше осудена на единствена затворска казна од четири години. Христина Блажевска беше осудена на една година затвор, но само за делото помагање во делото перење пари, додека за делото измама таа доби ослободителна пресуда.
Во случајот беше опфатен и таткото на Боки 13, Миле Јовановски, кој беше осуден на две години условна казна која нема да се изврши доколку во рок од пет години не стори ново кривични дело. Поранешната висока функционерка на СДСМ и пратеничка, Фросина Ременски, која исто така се гонеше во случајот под обвинение за помагање во кривичното дело измама, доби ослободителна пресуда.
Обвинителството ги товареше обвинетите дека под превезот на невладината организација „Меѓународен сојуз“ двајцата бизнисмени Силјан Мицевски од градежната компанија „Пелистер“ и Ардијан Амзоски од „Дрим билдинг“ биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евро.
Јовановски и на почетокот и на крајот од судскиот процес ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека немало ниту намера, ниту мотив, ниту идеја да бидат доведени во заблуда двете компании со кои потпишале договори и се повика и на сведочењата на бизнисмените кои рекле дека веруваат во проектот.
Со првостепената пресуда за виновен како правно лице беше прогласен и Меѓународниот сојуз и беше задолжен да плати еден милион денари.