Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија нагласи дека Унијата ги разбира причините и мотивите за одлуките што ги носи Србија бидејќи е во „специфична“ ситуација – енергетски зависна од Русија, со отвореното прашање за Косово и широката наклонетост на населението кон Русија, но тој додаде дека Србија „самата го сметаше пристапот во ЕУ како нејзина стратегиска определба“
На Белград не му е даден рок да воведе санкции кон Русија, но ова прашање привлекува големо внимание во европските метрополи оти се однесува на иднината на целиот континент. Ова го изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Емануел Жофре, кој посочи дека прашањето се однесува на безбедноста и просперитетот на Европа.
Тој вели дека Европската комисија во овогодинешниот извештај утврдила дека Србија уназадила во однос на усогласувањето на надворешната и безбедносната политика, но дека се надеваат оти целосно ќе се приклучат на заедничкото противење на руската агресија.
„ЕУ го цени фактот што Србија во неколку наврати гласаше заедно со членките на ЕУ на Генералното собрание на ОН, осудувајќи ја нелегалната руска анексија на украински територии со 142 земји, така што само четири земји останаа со изолирана Русија. Но, секако би сакале да видиме повеќе од тоа, а во оваа насока има очекувања во сите европски метрополи и во Брисел“,
изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија.
Жофре повтори дека прашањето за усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ не е ново, туку дека е присутно од самиот почеток на пристапните преговори.
Како што наведе, ЕУ ги разбира причините и мотивите за одлуките што ги носи Србија бидејќи е во „специфична“ ситуација – енергетски зависна од Русија, со отвореното прашање за Косово и широката наклонетост на населението кон Русија, но тој додаде дека Србија „самата го сметаше пристапот во ЕУ како нејзина стратегиска определба“.
„Се разбира, владата на секоја земја членка на ЕУ ги промовира интересите на своите граѓани, затоа тие се избрани и тоа е сосема легитимно. Меѓутоа, прашањето е во кој контекст го ставате вашиот сопствен интерес, и мислам дека нема контрадикторност меѓу нашите очекувања и фактот дека српската влада ги промовира интересите на Србија, бидејќи според мене, нејзиниот интерес е во европскиот контекст“,
рече тој.
Србија, додаде тој, го избра европскиот пат одамна, а резултатите од тој избор се веќе видливи во земјата.