По тешко боледување, утрово на 77-годишна возраст почина неврохирургот Јовица Угриновски.
Информацијата за неговата смрт ја објави приватната клиника „Неуромедика“ на својот официјален фејсбук-профил.
„Менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работењето. Вечна му слава!“
се наведува во фејсбук-објавата на клиниката.
Јовица Угриновски е роден 1945 година во Скопје. Специјализирал неврохирургија во Скопје во 1975 година, по што завршил три постдипломски курса по неврохирургија во Монпелје (1977), Манчестер (1978) и Братислава (1981), магистрирал (1978) и докторирал (1986). Придонел во воведувањето на проспективниот предвидувачки скоринг-систем во неврохирургијата и методот на премостување на крвните садови во мозокот.
Угриновски го оперираше поранешниот претседател Киро Глигоров по извршениот атентат врз него.
Тој беше основач и претседател на Управниот одбор на приватната клиника „Неуромедика“.