Може да аплицираат кандидати што имаат непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавни обвинители до моментот на пријавување на огласот и кандидати што се оценети со позитивни оценки последните три години
На 7 ноември обвинителите во државата се очекува да гласаат на непосредни избори за нов шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кој ќе ја наследи досегашната шефица Вилма Русковска.
Ова обвинителство има надлежност за цела држава и по првпат изборот ќе се врши на ваков начин, според новиот Закон за јавно обвинителство.
Претходно кога информација за распишување оглас беше објавена на веб-страницата на Советот на јавни обвинители, таа не била официјализирана бидејќи се одложи седницата што ова тело требаше да ја одржи на 20 септември.
Сега, одлуката на Советот е донесена и истата очекуваат да се објави во денешниот број на „Службен весник“. Со објавата во „Службен весник“ почнува да тече и рокот од 15 дена за доставување кандидатури.
Според Законот за јавно обвинителство, може да аплицираат кандидати што имаат непрекинат работен стаж од најмалку шест години како јавни обвинители до моментот на пријавување на огласот и кандидати што се оценети со позитивни оценки последните три години.
Другите услови што треба да ги исполни секој кандидат се:
- Да е државјанин на Република Северна Македонија;
- Активно да го владее македонскиот јазик;
- Да има деловна способност;
- Да има завршени правни студии со стекнати 300 ЕКТС или VII/1 степен на образование од областа на правните науки или нострифицирана диплома од правни студии во странство за стекнати 300 кредити;
- Да има положено правосуден испит во Република Северна Македонија.
Откако ќе заврши рокот за пријавување кандидати, Советот на јавни обвинители ќе треба да формира Комисија за спроведување на гласањето, кое ќе се одвива во просториите на државното и четирите виши обвинителства во земјава (Битола, Гостивар, Скопје и Штип).
По денот на гласање, Советот има рок од седум дена за да го именува кандидатот кој освоил најмногу гласови за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Мандатот на актуелната шефица истекува на 14 ноември, што значи дека ако гласањето се одвива според предвиденото (на 7 ноември), тогаш ќе има доволно време за да се назначи нов обвинител на чело на ОЈО ГОКК. Иако е малку веројатно, во случај двајца кандидати да добијат ист број на гласови, како што брифираат од Советот, веројатно ќе се повтори гласањето за нив.
Русковска во моментов е под суспензија врз основа на одлуката што ја донесе републичкиот обвинител Љубомир Јовески кон средината на август. Нејзината суспензија следуваше откако против неа беше поведена дисциплинска постапка и беше поднесена кривична пријава во врска со извршениот претрес во Управата за финансиска полиција на 18 јули. Русковска за суспензијата поднесе и жалба, но Советот на јавни обвинители ја одби како неоснована односно ја потврди суспензијата.
Како привремен шеф додека трае нејзината суспензија кон крајот на август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов.
Во последната изјава за „360 степени“ пред дваесетина дена Русковска рече дека не се предомислила за ставот дека нема да бара нов мандат за шеф на ОЈО ГОКК.
„Сè уште не планирам да се пријавам“,
ни изјави обвинителската.
Таа пред неколку месеци во пресрет на истекот на мандатот, се пријави на оглас за заменици-јавни обвинители во државното јавно обвинителство, но изборот за ова по овој оглас сè уште не е направен бидејќи во Советот се очекуваат оцените за кандидатите.