„Апелираме до станарите, односно до заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници“, велат од оваа институција
Грејната сезона за сите корисници на мрежата за централно греење во Скопје годинава ќе почне на 15 октомври со загарантирана температура на радијаторите од 21 Целзиусов степен и греење во периодот од 6 часот до 22 часот, информира Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад (РКЕ).
Сепак, ако временската прогноза за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени, тогаш грејната сезона може да почне од 1 октомври, а да заврши најдоцна до 30 април.
„Апелираме до станарите, односно до заедниците на станари да ги проверат внатрешните инсталации и инсталациите во објектите и да ги подмират сметките за електрична енергија за топлинските потстаници“,
се вели во соопштението од РКЕ.
Оттаму велат дека со официјален писмен допис е побарано од снабдувачите со топлинска енергија информација за подготвеност за почеток на грејната сезона.
Согласно последната одлука од 1 август годинава, како што велат од РКЕ, сметките за парно за домаќинствата се пониски за 3,16 отсто, а околу 1 200 фирми, училишта и институции ќе имаат пониска цена за 17 отсто.