Последниот притисок врз слободните медиуми е поврзан со Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) што не донело одлука за петтата дозвола за национално радиодифузно емитување, иако се поминати сите важечки рокови
Независната телевизија Н1 денеска излезе со соопштение дека со 24-часовното неемитување програма сакала да укаже на тоа „каква темница може да владее доколку ТВ Н1 и Нова С не емитуваат програма.“
„Сакавме да создадеме реална слика како би изгледало информирањето доколку граѓаните на Србија имаат само една верзија за настаните, само еден – владејачки став, едно мислење и вести без критички глас. На овој начин укажавме и на повеќегодишните притисоци на кои сме изложени, на обидите видливоста дополнително да ни се ограничи и да ни се оневозможи финансирањето и бизнисот“,
се наведува во соопштението на телевизијата.
Последниот притисок врз слободните медиуми, како што се наведува во соопштението, е поврзан со Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) што не донело одлука за петтата дозвола за национално радиодифузно емитување, иако се поминати сите важечки рокови.
„Пред неколку месеци Н1 аплицираше за национална дозвола за емитување, а исходот покажа дека на РЕМ не му е грижа за плурализмот во медиумите или за подобрување на ситуацијата на медиумската сцена. Сега гледаме дека истата ситуација се повторува и затоа Н1 се солидаризира со колегите од телевизијата Нова С, кои се пријавија на конкурсот за петта лиценца… Зошто е можно во Србија да се прекршуваат сите етички и професионални правила, да се промовира говор на омраза и постојано да се прават „црвени линии“ вкрстени кога станува збор за содржината прикажана на телевизија“,
додаваат оттаму.
Телевизиите Н1 и Нова С вчера престанаа да емитуваат програма цели 24 часа, во знак на протест што Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) се уште не донел одлука за доделување на петтата национална фреквенција.
Вишња Аранѓеловиќ, членка на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), изјави дека не знае за причините за прекинот на емитувањето на телевизиските програми Н1 и Нова С во Србија.
Аранѓеловиќ за Бета кажа дека доколку тие телевизии мислат дека ќе извршат притисок врз РЕМ, „тој потег изгледа како залуден и глупав гест“.
Претседателката на РЕМ, Оливера Зекиќ, претходно изјави дека рокот за одлучување за распределба на националната фреквенција не е предвиден со законот за општа управна постапка.
За целата ситуација е запознаена и Европската комисија.
„Слободното известување, слободата на медиумите и плурализмот се важни за секое демократско општество. Запознаени сме со медиумската ситуација во Србија и очекуваме Србија да спроведе акциски план за медиумска стратегија. Очекуваме Србија да создаде средина во која слободата на медиумите ќе биде непречена“,
изјави портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.
Вучиќ: Тие самите го направија тоа
Целата ситуација вчера ја коментираше и српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Никој не им ги затемни каналите, сами го направија тоа. Ако самите велат дека имаат проблеми со слободата, тоа е сериозен проблем на сопственикот кој не им дозволува, затоа што тие не се борат за вас. Зошто денес? Не можам да ви објаснам колку беше важно и колку некој се потресе. Се согласувам дека треба да се разговара за слободата на медиумите, особено во овие медиуми“,
рече Вучиќ.