Во вчерашните активности за контрола на учесниците во сообраќајот, од МВР велат дека биле казнети 273 возачи за непочитување на брзината на движење, а без возачка дозвола вчера биле откриени 58 возачи
За 20 дена 6 056 возачи добиле казни за брзо возење. Податоците, кои денеска ги испратија од Министерството за внатрешни работи, а се за периодот од 1 до 20 февруари, покажуваат дека полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи имаат издадено 18 132 платни налози.
Освен за пречекорување на брзината на движење, казни имало и за непрописно паркирање и тоа за 4 213 возачи.
При контролите биле откриени и им биле издадени платни налози и на 1 510 возачи кои немале возачка дозвола.
Сторените прекршоци, како што велат од МВР, се врз основа на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила.
Во вчерашните активности за контрола на учесниците во сообраќајот, од МВР велат дека биле казнети 273 возачи за непочитување на брзината на движење, а без возачка дозвола вчера биле детектирани 58 возачи.
Изминатиот период има засилени полициски контроли кои доаѓаат по случајот со Фросина Кулакова која на 29 јануари беше смртно прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје.
Овој случај беше причина да има и јавна расправа во Собранието за потребата од измени на законската регулатива, а со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
Намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај преку подигање на одговорноста и свеста на сите учесници, елиминирање на неказнивоста на сторителите, заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, како и на сите релевантни закони заради нивно меѓусебно усогласување најдоцна до крајот на 2025 година се дел од заклучоците што вчера беа усвоени на јавната расправа.
Со заклучоците се бара од Министерството за внатрешни работи да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот „Безбеден град“, кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци најдоцна до крајот на годинава. Дополнително треба да се донесе и меѓуресорски стратегиски акциски план за забрзување на активностите за вмрежување меѓу МВР со судовите и обвинителствата со што ќе се овозможи побрза комуникација и намалување на можностите од злоупотреба на системот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за време на јавната расправа во Собранието рече дека фокусот не смее да биде само на законите, на заострување на казните, туку на градење на систем којшто ќе овозможи конкретно елиминирање на неказнивоста.
Во делот на законските измени, тој меѓу другото побара да се предвиди инкриминирање на управување на моторно возило без положен возачки испит, да се размисли за воведување задолжителна мерка – одземање на возилото при најтешките случаи на безобѕирно возење, и да се прошират можностите на системот „Безбеден град“ во делот на автоматско санкционирање на нерегистрирани возила.