Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје утврдува дали има кривично дело бесправно градење во случајот со градбата која никна на местото на терасата на кафулето „Фонтана“ кај ТЦ „Мавровска“, соопштија од МВР.
За активностите на полицијата известено е и скопското обвинителство.
„Единицата за економски и компјутерски криминал и понатаму презема мерки и активности во координација и по насоки на ОЈО-Скопје, а по завршување на активностите и комплетирање на документацијата до ОЈО-Скопје ќе достави соодветен поднесок, за што дополнително ќе биде известена јавноста“,
велат од МВР.
Терасата од кафулето „Фонтана“ изгоре до темел во пожарот што се случи на 1 мај, за време на продолжениот полициски час. Повредени немаше, а првичниот наод од истрагата покажа дека веројатна причина за пожарот бил краток спој на електричната инсталација меѓу компјутерот и фискалната каса.
По ова, на истото место почна да се гради тврда градба, но Општина Чаир, под чија надлежност е таа територија, не знаеше кој е инвеститорот.
Општината не можела да го најде ниту инвеститорот ниту изведувачот на градежните работи, а градежниот инспектор донесе одлука за уривање на објектот.
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, минатата недела најави дека решението за уривање ќе се објави во „Службен весник“ и ќе почне да тече рокот од осум дена за сопственикот самиот да си го урне објектот. Ако не го стори тоа, тогаш дивоградбата ќе треба да ја урива Општината.