Полицијата во два наврати успеала да спречи индцидентот да прерасне во пресметка помеѓу двете навивачки групи, пишува ТВ Телма. Дел од грчките навивачи биле идентификувани, по што биле вратени во автобусот за да се спречи пресметка со македонската навивачка група која според Телма се спремала за одговор. Откако македонската група не успеала во своите намери, се собрале на излезот од Скопје во обид да го сопрат автобусот, но и овој обид бил неуспешен, па автобусот бил каменуван.
Од МВР се огласија преку соопштение во кое се вели дека било констатирано дека дел од лицата од грчката група одзеле предмети од продажен објект и физички нападнале случајни минувачи.
„Денеска околу 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачје на Центар-Скопје бил нарушен јавниот ред и мир од навивачи од навивачка група од Република Грција. Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека дел од лицата од групата одзеле предмети од продажен објект и физички нападнале случајни минувачи. Групата била обезбедена и по целосно расчистување и документирање на случајот против сторителите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,
стои во сооштението на МВР.
Дивеењето на групата беше причина за зголеменото присуство на полициски службеници на прометната сообраќајница кај „Рекорд“.
Според сведоштва на граѓани, групата се симнала од тимскиот автобус кај Рекорд, по што се упатиле кон плоштадот. Попатно, вербално и физички нападале машко лице кое на себе носело дрес од македонски клуб, а потоа вербално нападнале вработена во една од продавниците во центарот. Станува збор за навивачи на ПАОК кои биле дојдени во Скопје, за да присуствуваат на натпреварот помеѓу женските ракометни тимови на Металург и ПАОК.