Цел на нападот, како што соопштија од Министерството, бил градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, кој за време на инцидентот бил заедно со уште неколку други лица. Кон нив маж пукал со автоматска пушка
Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево и официјално го потврди вооружениот инцидент што претходно денеска се случи во скопско Арачиново. Престрелката се случила околу 13 часот на влезот на селото.
Цел на нападот бил градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими, кој за време на инцидентот бил заедно со уште неколку други лица. Кон нив маж пукал со автоматска пушка.
„Притоа повредени се две лица, кои биле заедно со градоначалникот. Градоначалникот не е повреден“,
информираат попладнево од МВР.
Од Министерството дополнително ги демантираат информациите што се појавија во дел од медиумите оти во инцидентот е повреден полициски службеник.
Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје презема мерки за расчистување на случајот.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно во изјава за МИА информира дека во престрелката е повреден возачот на градоначалникот Ибраими, а оти е пукано е и кон лице вработено во Општината.
Еден од повредените, кој се здобил со прострелни рани во градниот кош, е пренесен во Ургентниот центар во Скопје, а другиот, со рана на десното рамо, е примен во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.