Министерството за внатрешни работи информира дека постапува по пријави за инцидени на избирачки места низ земјава. Голем дел од пријавите, според соопштението на МВР се однесуваат на фотографирање на гласачките ливчиња.
Од МВР информираат дека по барање на претседателот на избирачкиот одбор на избирачко место во ОУ „Саит Најдени“ во Дебар во 12.55 часот е побарана интервенција на полициски службеници поради тоа што А. Д. (30) од Дебар со својот мобилен телефон го фотографирал гласачкото ливче. Во 13.15 часот тој е приведен во ОВР-Дебар.
Во 13.10 часот на гласачко место 0755 во село Осој, општина Кичево, заменик-претседателот на избирачкиот одбор пријавил дека во просторијата за гласање Г.М. додека гласал го фотографирал гласачкото ливче, а по барање на членовите на избирачкиот одбор лицето ги избришало фотографиите. Констатиран е прекршок по член 190 ст 2 од Изборниот законик. Се преземаат мерки за документирање на настанот од страна на ПС од ОВР Кичево.
Во 12.40 часот од претседателот на Избирачкиот одбор на гласачко место бр.2909 во ОУ „Живко Брајковски“ во Скопје е пријавено дека непознато лице наводно сликало гласачко ливче. Од страна на полициски службеници лицето е лишено од слобода и утврдено е дека се работи за Е.Е. (29) од Скопје. Против лицето ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во 10.45 часот М.И. пријавил нарушување најавен ред и мир во Прилеп во дворот на ОУ „Кире Гаврилоски“, каде Џ.П. од Прилеп физички го нападнал Г.Д. од Прилеп. Интервенирано е од полициски службеници од НККР Прилеп, а при прегледот кај лицето Џ.П пронајден и одземен бил пиштол марка „ЦЗ“. Се работи на расчистување на случајот.