Пријави за поткуп, агитирање и организиран превоз на гласачи во текот на денешниот ден пристигнале до Министерството за внатрешни работи, соопшти портпаролот Тони Ангеловски.
Едно лице од Скопје е уапсено, а во СВР Битола стигнала пријава против полицаец, дека ги насочувал гласачите кој реден број да го заокружат на гласачкото ливче.
„Во полициската станица Радовиш, Ф.В. пријавил дека Б.И. му нудел пари за глас, а во СВР Битола, Е.Е. пријавила дека непознати лица ѝ нуделе пари за глас. Во СВР Битола било пријавено и дека полициски службеник, кој обезбедува избирачко место во училиште во село Дебреште, им кажувал на граѓаните кој број да го заокружат на избирачкото ливче. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола“,
изјави портпаролот Ангеловски на денешната прес-конференција.
Во скопски Карпош, пак, бил уапсен маж кој се расправал со избирачкиот одбор и го фотографирал гласачкото место.
„Во избирачко место во ОУ ‘Петар Поп Арсов’ во Скопје В. Ш. (47) го нарушил јавниот ред и мир со тоа започнал расправија со претставници на избирачкиот одбор и во еден момент ја потегнал за чантата претставничка на избирачкиот одбор и со неговиот мобилен телефон ја фотографирал просторијата. Лицето е лишено од слобода, за што е известен дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство од Скопје за понатамошни насоки“
објасни Ангеловски.
Ова како што рече портпаролот на МВР, ова се пријави по кои се постапува, а за кои допрва ќе се утврдуваат фактите, по што ќе ја информира јавноста.