Таа не ја почитуваше мерката за самоизолација откако на 29 февруари се врати од Италија, поради што 200 лица што биле во контакт со неа се под надзор
Поранешната директорка на скопската Клиника за кожни болести Нина Цаца-Биљановска доби пријава од Министерството за внатрешни работи, затоа што не ја почитувала мерката за самоизолација и откако се вратила од Италија продолжила да оди на работа, доведувајќи во ризик стотици нејзини колеги и пациенти.
Информацијата ја потврди министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
„На 29 февруари 2020 ексдиректорката влегла во земјата. Против сите оние што не ги почитувале препораките на Владата е поднесен соодветен поднесок до ОЈО по член 205 и 206 од Кривичниот законик“,
изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Директорката освен што одела на работа држела и предавање на симпозиум на 103 лекари во скопскиот ресторан „Рагуза“.
Откако нејзините тестирања се покажаа позитивни на коронавирусот, кожното одделение беше затворено, а околу 200 лица завршија во домашна изолација.
Засега директорката е во стабилна состојба, а симптоми немаат ниту останатите со кои била во контакт, а се во изолација. Нивните четиринаесет дена за инкубација завршуваат в недела.