Од Министерството додаваат дека врз основа на вештачењето е утврден идентитетот на сторителот, а дека е обезбедено и оружјето со кое осомничениот Џ.С. го извршил делото
Скопската полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје против 44-годишен скопјанец со иницијали Џ.С. кој е осомничен за убиството што се случи на 31 март во казино во скопската населба Тафталиџе, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Оттаму додаваат дека врз основа на вештачењето е утврден идентитетот на сторителот, а дека е обезбедено и оружјето со кое осомничениот Џ.С. го извршил делото.
„Имено, на 31.03.2023 во 8:02 часот во казино на бул. ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, Џ.С. со пиштол пукал во Н.А. (46) од с. Арачиново, со кого претходно играле на апаратите во казиното, по што Н.А. подлегнал на повредите“,
се наведува во соопштението на МВР.
Убиството во казиното во Тафталиџе се случи рано утрото на 31 март годинава.
Тогаш од Обвинителството објавија дека 46-годишниот арачиновец, кој беше убиен, и уште три лица пристигнале во казиното и извесно време играле на апаратите. Во еден момент осомничениот и убиениот почнале да се расправаат, а откако се скарале, осомничениот прво пукал неколкупати кон починатиот, а потоа и го удирал во глава со задниот дел од пиштолот.
Арачиновецот починал на местото на настанот, а неговото тело беше дадено на обдукција.