На подрачјето на Дебар и Центар Жупа, каде што е прогласена кризна состојба, не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди, соопшти МВР.
„Врз основа на своерачно потпишана изјава за самоизолација и по мерката здравствен надзор и домашна изолација, се врши контрола на 164 лица во Дебар. Во двете општини без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини“,
се вели во соопштението.
Од МВР апелираат до граѓаните, строго да ја почитуваат одлуката за забрана на движењето од 21 до 5 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот, а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.
На бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192 можат да се пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние што ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, потсетуваат од МВР.
„360 степени“ направи репортажа од кризните региони и еве како изгледа секојдневието во Дебар и Центар Жупа.
Бевме и на полицискиот пункт кон Маврово – местото каде што се контролира што влегува и што излегува од Дебар и Центар Жупа.