По проверките на единиците за антитероризам на МВР утврдено е дека сите дојави за бомби кои денеска беа испратени до скопските училишта се лажни
Лажни се и денешните дојави за бомби кои стигнаа на мејл-адресите на вкупно 14 средни и две основни училишта во главниот град, информираат вечерва од Министерството за внатрешни работи (МВР) по направените антитерористички проверки во школите.
„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се вели во соопштението од МВР.
Во контекст на континуираните закани за наводно поставени бомби во изминатиот период, Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница на денешната седница донесе заклучок за формирање на оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани.
Главните задачи на опративниот тим, како што посочија од Владата, ќе бидат стручната процена и препораки, изработка на минимум стандарди и опрема за градење отпорност на секоја институција и зајакнување на комуникацијата со јавноста на дневно ниво.
Дополнително, од Владата наведоа дека безбедносната состојба во земјава е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните.