Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев смета дека МВР има капацитет да обезбеди слободни, фер и демократски избори. Тој вели дека со организацијата на изминатите четири изборни циклуси и референдумот во 2018 година се поставени стандарди кои не смеат да бидат нарушени

фото: МВР
Министерството за внатрешни работи има капацитет да обезбеди фер, слободни и демократски избори какви што беа и сите изборни циклуси од 2017 година до денес, вели во интервју за порталот 24инфо.мк дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
Тој смета дека со организацијата на локалните избори во 2017 и во 2021 година, референдумот во 2018, претседателските избори во 2019 и парламентарните избори во 2020 година биле поставени стандарди кои не смеат никако да бидат нарушени.
„Тие се водилка и за организација на изборите во 2024 година. Тоа е уште една обврска повеќе и мотивација за посебен ангажман за организирање и спроведување на избори по европски стандарди, со еднакви услови за фер натпревар на изборни програми, без дезинформации и без говор на омраза. Сметам дека е критично да се заштити интегритетот на изборниот процес преку непристрасно и транспарентно управување со изборните процедури. Ова вклучува строга примена на законите против изборни измами и манипулација, како и обезбедување ефективни механизми за пријавување и адресирање какви било нерегуларности. Очекувам професионална соработка помеѓу МВР, Владата, Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата, домашните и меѓународните набљудувачи, како и со сите органи и тела кои имаат соодветна улога во организацијата и спроведувањето на изборите”,
вели Бојмацалиев.

фото: Фејсбук-профил на Митко Бојмацалиев
Тој смета дека периодот во кој МВР беше предводено од поранешниот министер Оливер Спасовски бил период на тектонски реформи кои целосно го промениле безбедносниот апарат на државата.
„Знаете дека од 2017 година наваму вложивме околу 13 милиони евра во униформи и опрема и 17 милиони евра само за реконструкција на полициските објекти низ државата. Притоа, дојдовме до бројка од 80 реконструирани објекти, енергетско ефикасни, кои значително ја подобрија ефикасноста на полицијата, потврдувајќи ја максимата дека само задоволна и мотивирана полиција може да донесе високи резултати во полициското работење“,
смета тој.