Во полициската станица Карпош вечерва се приведени две лица поврзани со пукањето во хотелот „Александар Палас“ што се случи половина час после полноќ на 1. декември.
„Изминатото деноноќие полицијата презеде оперативно- тактички активности за расветлување на настанот во Александар Палас. Приведени се две лица кои се поврзани со овој настан и со кои се обавуваат истражни разговори“, велат од МВР, но во овој момент без детали, бидејќи, како што објаснуваат, станува збор за опсежна полициска операција што е во тек.
Настрана од шпекулациите во јавноста, досега за овој случај официјално е познато дека вооружениот инцидент се случил 35 минути после полноќ на 1. декември, кога врз петмина гости во ресторанот на хотелот, Е. И. (21), Е. И. (25), О. Б. (35), К.И. (41) и Љ.Ќ. (25) пукале три лица, чиј идентитет не е познат во јавноста. На нападот возвратил Љ.Ќ., полициски службеник кој во моментот не бил на должност, кој испукал од службениот пиштол кон нив, по што напаѓачите избегале. Според МВР никој не е повреден.