Министерот вели дека предлогот за уставни измени со одложено дејство не е напуштен и додава дека имаат постојан дијалог и со институциите во Брисел и со земјите членки „на кои им велиме дека нашата примарна грижа како држава е како ние ќе бидеме сигурни“

Ако чинителите во Брисел имаат други идеи за предвидливост, отворени сме за дијалог, но преку консултации со експертската заедница, невладиниот сектор и јавноста, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на телевизија Телма, прашан за тоа дали Владата сè уште инсистира на предлогот за уставни измени со одложено дејство.
Според Муцунски, суштината е обезбедување предвидливост на патот кон членството, и тој смета дека во моментов тоа може да се постигне само преку уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот кои би важеле откако земјата ќе стане полноправна членка на ЕУ.
Министерот вели дека тој предлог не е напуштен и додава дека имаат постојан дијалог и со институциите во Брисел и со земјите членки „на кои им велиме дека нашата примарна грижа како држава е како ние ќе бидеме сигурни“.
Тој вели дека Владата нема да се однесува аматерски и парадерски, како што, според него, се случувало во минатото, туку ќе покаже професионален и стратегиски пристап.
„Треба да се бориме, но и да бидеме свесни за нашите силни страни – стратешката позиција на нашата држава и фактот дека Европската Унија не може да си дозволи уште една грешка во однос на нашата интеграција“,
рече Муцунски во вечерашното интервју во „Топ тема“ на телевизија Телма.
„Нема сила што ќе ме убеди дека Софија не може да биде убедена“
Во однос на решавањето на проблемот со Бугарија, Муцунски нагласи дека најдобро е тоа да се постигне со политичка влада која ќе има целосен легитимитет.
„Гледајќи низ призмата на лошата пракса од минатото, сметаме дека разговорите треба да се водат со Влада со целосен политички легитимитет,“
истакна министерот.
Прашан како ќе успее да ги убеди во ЕУ да се премислат и да речат „во ред е, ќе прифатиме уставни измени со одложено дејство“ кога се знае дека првата пречка ќе биде Софија, Муцунски рече дека нема сила што може да го убеди дека Софија не може да биде убедена.
„Сигурен сум дека Софија може да биде убедена. Треба ЕУ и земјите членки заеднички со нас сите да го искористиме кредибилитетот што го имаме и да разговараме со Софија. Софија со нашиот пример прави историска грешка и убеден сум дека најголемиот дел од чинителите во Бугарија се свесни за тоа“,
рече тој.
Според него, пристапот на Владата е таа да биде најдобра во очите на европските партнери по однос на испораката на реформи.
„Тука во делот на предизвиците кои ги имаме да најдеме рационално решение што ќе ни гарантира дека по постигнувањето на компромисот нема после шест до девет месеци повторно да бидеме вратени на иста точка каде сега Бугарија наместо уставните измени ќе ни рече прифатете дека Гоце Делчев е Бугар, прифатете ја оваа реалност за македонскиот јазик. Ние мора да имаме предвидливост и во таа смисла изнаоѓањето на решение што на нас како држава ќе ни потврди една предвидливост на патот напред врз основа на оние реформи кои се реални и кои навистина се суштински аспект на евроинтеграцијата, ние на таков компромис сме подготвени да постигнеме, за таков компромис постојано разговараме“,
рече тој.
Тој посочи дека како влада во изминатите шест месеци успеале да наметнат реторика од Брисел во која се говори за уставните измени како еден факт.
„Тоа што мене ме радува е реториката од чинителите во Брисел е дека ЕУ говори за уставните измени како еден факт, но истовремено говори и за дијалог помеѓу Скопје и Софија и говори за изнаоѓање на рационално решение. И тоа е таа промена која како влада во последните шест месеци успеавме да ја наметнеме. Свесни сме за реалноста, но истовремено свесни сме дека прифаќање на одредени услови без никакви гаранции за нас како држава дека ќе имаме предвидлив пат е нешто што само ќе ни наштети на нас и на политиката на проширување“,
додаде Муцунски.
Од САД ќе се бара поддршка за евроинтеграцијата и поголема економска соработка
Министерот, говорејќи за посетата на премиерот Христијан Мицкоски на САД, каде што ќе присуствува на инаугурацијата на новиот претседател Доналд Трамп, рече дека таму ќе ги афирмираат позициите пред администрацијата што е во доаѓање.
Прашан околу изјавите на премиерот дека во САД ќе се оди да бара поддршка, но во која насока ќе биде тоа, Муцунски рече оти САД стратешки и историски гледано секогаш биле веројатно најпринципиелните поддржувачи на процесот на европска интеграција.
Посочувајќи дека товарот за решавање на тој предизвик што го имаме примарно е на три страни и тоа нашата земја, Бугарија и на Европската Унија, вели дека САД може да бидат четвртиот чинител.
„Факт е дека тие имаат влијание во овој регион и во Европа и тоа е факт што не смееме да го игнорираме, и од таа гледна точка, нивна стратешка цел е овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ. Верувам дека преку нивните модуси на функционирање, дипломатските алатки што ги користат може да бидат активен четврти чинител во изнаоѓање на решение на овој предизвик. Поддршка ќе бараме од сите добронамерни чинители што сакаат иднина за регионот како полноправно интегриран во ЕУ“,
рече Муцунски.
За последната посета во САД, Муцунски појасни дека имал средби со лица кои се дел од транзицијата на претседателот и оти, вели, се внимателни некогаш во објавата на тие имиња поради доверливоста на работата и специфичноста која ја вршат, бидејќи се администрација во доаѓање.
Тој оцени дека постои потреба од засилување на билатералните трговски односи со САД не само во делот на инвестициите, туку и во делот на увоз-извоз портфолиото на државата. Во овој дел смета дека со новата администрација можеме да направиме позитивно поместување, земајќи ја предвид, вели, блискоста на премиерот Мицкоски со министерот за трговија, Хауард Лутник, кој беше во посета на земјава пред неколку месеци.
„Ние како држава имаме историска стартна позиција со една администрација во доаѓање, но умешноста и мислам дека кон тоа е референцата на премиерот, умешноста е да знаете да го привлечете вниманието за да се добие тој заслужен фокус што ние како држава и како поширок регион го заслужуваме“,
кажа тој.