„Заради променетите геостратешки околности, земјите членки на ЕУ треба да вложат повеќе во соодветно забрзување на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан, врз основа на заслуги и постигнувања на секоја земја“, порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија на средбите со неколку европарламентарци од различни групации во Европскиот парламент
За нас треба да се најде пат што ќе овозможи продолжување на преговорите со Европската Унија, без одлагање кое е наметнато врз основа на билатерално барање, порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на одвоените средби со неколку европарламентарци за време на неговата прва посета на Брисел.
Муцунски, како што соопштија од Министерството, се сретнал со европарламентарците Дејвид Мекалистер од Европската народна партија (ЕПП), Тинеке Стрик од Зелените и со бугарскиот европратеник Илхан Ќучук од редовите на Либералите, кој во претходниот мандат беше известувач за напредокот на земјава во Европскиот парламент.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на средбите ја нагласил одличната соработка и односи со Европскиот парламент, со посебен акцент на придобивките од процесот на парламентарна соработка „Жан Моне“.
Тој, заблагодарувајќи се за поддршката што ја даваат на земјава во пристапниот процес кон ЕУ, изразил очекување дека таа ќе продолжи и во наредниот период.
“Значајно е да се задржи и да се зајакне позитивниот наратив во Европскиот парламент за да се одржи моментумот на проширувањето на ЕУ и да се даде силна поддршка на земјава за пристапување во Унијата. Сега, заради променетите геостратешки околности, земјите членки на ЕУ треба вложат повеќе во соодветно забрзување на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан, врз основа на заслуги и постигнувања на секоја земја“,
нагласил Муцунски.
Истакнувајќи ги спецификите на пристапното досие на земјава, посебно од аспект на долготрајноста и фазите на процесот изминатите 20 години, министерот посочил дека е потребно да се задржи кредибилитетот на процесот, што ќе придонесе за постепена интеграција пред членството.
Како добра алатка за тоа, Муцунски го посочил Планот за раст на ЕУ за земјите од Западен Балкан и неговото спроведување од сите инволвирани страни.
„Преговорите за пристапување во ЕУ се најдобар начин како да се обезбеди неповратност на општествената реформа и демократски развој во земјата, и за нас треба да се изнајде пат што ќе овозможи продолжување на преговорите со ЕУ, без одлагање кое е наметнато врз основа на билатерално барање”,
порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија.