Според него, кога некој е опфатен со ваква постапка, почитувајќи ја и презумцијата на невиност, логично е да даде оставка од морални причини
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцински, зборувајќи за случајот со актуелната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, која е осомничена за оддавање службена тајна во случајот „Адитив“, рече дека ова покажува оти институциите немаат никаква селективност во постапувањето.
Но, со тоа, посочи и дека се отвара прашањето за етиката и моралот кај носителите на јавните и државни функции.

Додаде дека веста дека претседателката на ДКСК е осомничена во ваква постапка ја доживеал разочарувачки и со голема грижа.
„Разочарувачки е тоа што го слушаме. Но, истовремено охрабрува тоа што институциите немаат ни најмала селективност за кого било и за овој и за други случаи, кои вклучуваат како поранешни, но и актуелни високи функционери“,
вели Муцунски.
Смета дека овие случаи се отвори и прашањето за етиката и моралот, нешто што е над законите, односно са едни стандарди што треба ние да ги применуваат тие, како државни, јавни функционери и да бидат пример за граѓаните.
„И кога некој е предмет на таква предистражна или истражна постапка, потребно е тој да размисли во тој момент веднаш да даде оставка. Бидејќи, еднакво значајно во борбата против корупцијата, колку што е ефективноста на извршните и на правосудните органи, е и перцепцијата која ќе ја имаат граѓаните дека никој не може да влијае врз постапките“,
кажа шефот на дипломатијата.
Според него, кога некој е опфатен со ваква постапка, почитувајќи ја и презумцијата на невиност, логично е да даде оставка од морални причини.
Сепак, смета дека тоа не треба да влијае врз кредибилитетот на останатите членови на Антикорупциската комисија, бидејќи е некоректно да се гради колективна перцепција заради потенцијално сторено кривично дело на еден од нив.
Инаку, Димитровска е обвинета дека преку апликациите за пораки Вибер и Ватсап му оддавала службени тајни на друг обвинет во случајот „Адитив“.
Откако претходно Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја прошири истрагата за уште три лица во рамки на предметот „Адитив“, таа вчера беше изведена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд во Скопје кој, одлучувајќи по предлогот на Обвинителство, ѝ определи мерки за претпазливост и забрана за преземање на одредени работни активности,
Таа не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на Антикорупциска, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.