„Можеби не е лесно да имате од другaта страна коалиција со повеќе лидери, тоа е предизвик, но ако крајната цел е да имате влада којашто ќе носи позитивни промени и влада којашто ќе искоренува корупција, тогаш вреди и со тој предизвик, кога ќе биде потребно, да се справувате“ – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ

Дивергентноста на коалицијата на опозициски партии на Албанците, која ВМРО-ДПМНЕ ја преферира за евентуална постизборна коалиција, не е пречка, туку предизвик со кој, ако е потребно, вреди да се справувате. Ова е ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кажан во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.
„Лично сум имал прилика, во рамките на моето работење, да соработувам и со Арбен Таравари, и со Билал Касами, и со Изет Меџити, и со Африм Гаши и сметам дека се позитивни личности, коишто можат да дадат придонес кон развојот на оваа држава. Независно што таа коалиција има повеќе субјекти, со повеќе лидери, сметам дека со нив може да се соработува и тоа врз основа на политика – како да го направиме животот и на тетовци, и на гостиварци, и на аеродромци и на битолчани подобар и поубав. Така што, се согласувам, можеби не е лесно од другата страна да имате коалиција со повеќе лидери, тоа е предизвик, но ако крајната цел е да имате влада којашто ќе носи позитивни промени и влада којашто ќе искоренува корупција, тогаш вреди и со тој предизвик, кога ќе биде потребно, да се справувате“,
вели Муцунски.
Според него, не значи дека коалиција со еден политички субјект би била попринципиелна.
„Некогаш и да имате еден лидер од другата страна, ако барањата на тој лидер се непринципиелни и не се во насока на реформи и развој, како што е ситуацијата со актуелната владејачка партија од албанскиот политички блок, тогаш тоа е уште потешко отколку да соработувате со четири лидери, но да, факт е дека тоа е тема која секогаш ја имаме предвид“,
кажа Муцунски во интервјуто.
