Двајцата министри на состаноците со амбасадорката ја потврдиле стратешката определба на Владата за спроведување на реформските заложби, во насока на забрзување на евроинтегративниот процес

Министрите за надворешни работи и за животна средина и просторно планирање, Тимчо Муцунски и Изет Меџити, денеска имале средби со амбасадорката на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, Анџела Агелер на кои ја потврдиле стратешката определба на Владата за спроведување на реформските заложби, во насока на забрзување на евроинтегративниот процес.
Шефот на дипломатијата Муцунски за средбата со Агелер информираше на својот официјален фејсбук-профил.
„На состанокот ја потврдивме стратешката определба на Владата за спроведување на реформските заложби, во насока на забрзување на евроинтегративниот процес, притоа истакнувајќи ја поддршката која САД ја дава за унапредување на демократскиот развој и засилување на борбата против криминалот и корупцијата“,
напиша министерот Муцунски.
На средбата, како што посочува Муцунски, била потврдена посветеноста и заложбата за понатамошното развивање на билатералните односи и соработката во согласност со Стратешкиот дијалог со САД.
„Како стратешки партнери и сојузници во НАТО сојузот и во актуелниот геополитички контекст, стоиме обединети во одбрана на вредностите кои ги споделуваме“,
стои на објавата на Фејсбук.
На средбата со Агелер, министерот за животна средина Изет Меџити ги истакнал клучните приоритети и стратешки определби на новата Влада.
Меџити, како што се наведува во соопштението испратено од неговата партија Демократско движење, на средбата упатил уверување до амбасадорката Агелер дека како владеачко мнозинство, Владата останува и понатаму максимално посветена на продлабочување на меѓусебните односи со најголемиот стратешки партнер и силен сојузник – САД, а дека евроатлантската определба и полноправното членство во Европската Унија остануваат врвен приоритет.

Агелер и Меџити се согласиле дека дека се потребни резултати во борбата против политичката корупција која е навлезена длабоко во порите на многу институции.
„Испораката на правдата мора да биде неселективна и согласно највисоките стандарди на владеење на правото. За да се случи ова, потребни се реформи во правосудниот систем и Владата е решителна оваа борба да ја спроведе до крај“,
се додава во партиското соопштение, во кое Меџити е претставен како прв заменик претседател на Владата.
Меџити, од позиција на министер за животна средина и просторно планирање, пак, најавил бескомпромисна борба со загадувачите на амбиенталниот воздух, согласно највисоките европски стандарди.