Во извештајот, додава Муцунски, се констатира и дека слободата на изразување генерално се почитува, но дека медиумскиот пејзаж останува значително фрагментиран, вклучително и по етничка линија. Се напоменува, додава тој, дека новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, смета дека според оценките на „Фридом хаус“ дадени и објавени во нивниот последен извештај за „Државите во транзиција 2024“, земјава се наоѓа на листата на нации во транзиција и е оквалификувана како „цикличен хибрид“, односно, како што вели, како систем во кој смената на власта и елитите оневозможува да се донесат клучни структурни промени и реформи.
Во извештајот, додава Муцунски, се констатира и дека слободата на изразување генерално се почитува, но дека медиумскиот пејзаж останува значително фрагментиран, вклучително и по етничка линија. Се напоменува, додава тој, дека новинарите, особено оние кои известуваат за корупција и злоупотреба на власта, продолжуваат да се соочуваат со малтретирање и други предизвици.
„Рејтингот за судската рамка и независност е намален од 3,25 на 3, рејтингот за корупција е намален од 3,25 на 3 и како резултат на тоа, оценката за демократијата на Македонија е намалена од 3,86 на 3,79“,
рече Муцунски на денешната прес-конференција.
Тоа, според него, е во целосна спротивставеност со очекувањата на граѓаните, но и со неопходноста од промовирање на антикорупциските механизми и судските реформи, за кои рече дека се од особена важност доколку земјава сака да оствари суштински напредок во процесот на пристапување кон ЕУ.
Според Муцунски, клучните забелешки во извештајот на „Фридом хаус“ се во насока на тоа дека судството и понатаму е една од најкритикуваните и најнедоверливи институции во земјава, широко перципирајќи го како „неефикасно, неефективно и склоно кон корупција и политичко влијание, вклучувајќи го и лошото работење на Судскиот совет и наводите за непотизам при именувања“.
Друга забелешка, додава Муцунски, е тоа дека корупцијата останува најголемиот предизвик на земјата, а антикорупциските напори се соочиле со значителни падови во 2023 година. Тоа, според него, е поради измените во Кривичниот законик со, како што вели, злоупотреба на европското знаменце, а со кои се намалија казните и застареноста за корупција и доведоа до затворање на активни обвиненија против поранешни и сегашни владини функционери.
„Големиот број на наводи против високи функционери, останува да биде нотирано во извештајот“,
рече тој.
Корупцијата, додаде Муцунски, исто така останува главна грижа и за јавноста и за другите меѓународни актери, особено за ЕУ и САД, кои постојано ја критикуваат Македонија дека не успеа ефикасно да се справи со посочените проблеми.
„Во наведениот контекст не смееме да заборавиме дека токму меѓународната заедница препознаена преку ЕУ и САД постојано вложува максимални напори да ни помогне со финансирање на разни програми, пренесување на искуства и знаења, но истовремено покажува сериозна решителност за санкционирање, како што беше неодамнешниот случај со објавување на црната листа на САД на која се најдоа голем број на политичари од власта“,
додаде тој.
Владеењето на правото, ефикасноста на правосудната власт и справувањето со корупцијата се сериозни проблеми за кои Муцунски рече дека во голем дел продолжуваат да ја загрижуваат македонската јавност.
„Ова се проблеми за кои македонската јавност веќе стана имуна на скандалите во областа на правосудството и јасно ја забележува немоќта и неподготвеноста на државата и нејзините институции и поединците во нив да се спротивстават на политичките влијанија и на другите предизвици со кои очигледно се соочуваат“,
рече тој.
Клучната забелешка за Северна Македонија во извештајот на „Фридом хаус“ е дека земјата покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Извештајот предупредува на долготрајната корупција на високо ниво, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
Од оценуваните седум категории нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории – судска рамка и независност, и корупција.