„Мора да останеме претпазливи и проактивни, да ја засилиме нашата соработка, да ги зајакнуваме нашите институционални капацитети и да стоиме цврсто во одбрана на демократијата, стабилноста и нашата заедничка европска иднина“, порачал министерот за европски прашања на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Варшава на кој претставници на земјите членки, земјите кандидатки и потенцијални кандидатки дискутираат за актуелните хибридни закани со кои се соочуваат
Најефективниот начин да се спротивставиме на хибридните закани е преку зајакнување на кредибилитетот и динамиката на процесот на проширување на Европската Унија (ЕУ). Постепениот пристап на земјите кандидатки до придобивките на единствениот пазар – да имаат корист од финансирањето на ЕУ и да учествуваат во дискусиите за политиките – би значело испраќање силна порака.
Ова, меѓу другото, го истакнал министерот за европски прашања Орхан Муртезани од неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ во Варшава на кој претставници на земјите членки, земјите кандидатки и потенцијални кандидатки дискутираат за актуелните хибридни закани со кои се соочуваат.
Тоа, како што рекол, не само што ќе ги поттикне реформите, туку и ќе ги лиши злонамерните чинители од просторот што го користат за да манипулираат со перцепцијата на граѓаните и да поттикнат евроскептицизам.
„Очигледно е дека хибридните закани ќе останат дефинитивен предизвик за ЕУ и за нејзините аспиранти. Нашите непријатели ќе продолжат да ја тестираат нашата издржливост, обидувајќи се да направат раздор и да го ослабат проектот за членство во ЕУ. Мора да останеме претпазливи и проактивни, да ја засилиме нашата соработка, да ги зајакнуваме нашите институционални капацитети и да стоиме цврсто во одбрана на демократијата, стабилноста и нашата заедничка европска иднина. С Македонија останува сигурна во својата посветеност на овие начела. Подготвени сме да работиме со нашите партнери од ЕУ за да бидеме сигурни дека проширувањето останува двигател за безбедноста, издржливоста и просперитетот на целиот континент“,
истакнал Муртезани во обраќањето од неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ.
Дополнил дека земјава директно се соочува со хибридни закани, особено во последните неколку години.
Напливот од кампањи за дезинформации, кибернапади врз институциите, засиленото злонамерно влијание од странство насочено кон дестабилизација на демократијата и разнишување на довербата на граѓаните во однос на евроинтеграциите, како што рекол, се последици на непоколебливото усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и санкциите против Русија, кога земјава веднаш била означена како „непријателска“ од страна на Москва.
„За да се спротивстави на овие закани, Северна Македонија презеде решително дејство – зајакнување на кибербезбедноста и разузнавачките капацитети во тесна соработка со партнерите од ЕУ и НАТО, проширување на програмите за медиумска писменост и иницијативите за проверка на фактите за борба против дезинформациите и зајакнување на општествената отпорност, одобрување на законските рамки за заштита на демократските институции од мешање од странство“,
додал Муртезани.
Сепак, истакнал дека ниедна земја не може сама да се соочи со овие предизвици, особено не во време на брз дигитален развој, а оти за справување со хибридните закани е потребен координиран одговор на ниво на ЕУ.
„Ова значи земјите кандидатки поинтензивно да се интегрираат во европските безбедносни механизми, да се поттикне споделувањето разузнавачки информации во реално време, да се спроведат заеднички вежби за кибербезбедност и да се зајакнат мрежите за борба против дезинформациите. Партнерството за безбедност и одбрана како дел од стратешкиот компас на ЕУ, кој Северна Македонија го потпиша во ноември минатата година (како прва земја од регионот на Западен Балкан) е еден од начините да можеме да соработуваме за справување со прашања поврзани со мирот, безбедноста и одбраната, вклучително и кибербезбедноста“,
истакнал министерот за европски прашања.
Во Варшава денеска се одржува неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУ, на кој се разговара за хибридните закани со кои се соочуваат земјите членки на ЕУ и партнерите што се стремат да влезат во ЕУ.