МНР денеска соопшти дека нашата држава е свесна за геостратешкото значење на Коридорот 8, но оттаму потенцираа дека за реализација на проектот потребна е соработка од Бугарија

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, нема добиено барање од Владата за пренамена на средства за пругата кон Бугарија, соопшти денеска тој на прес-конференција.
Претходно денеска, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека нашата држава е свесна за геостратешкото значење на Коридорот 8, но оттаму потенцираа дека за реализација на проектот потребна е соработка од Бугарија.
„Ако е начелото да не инвестираме во проект што ќе заврши сред тунел во граница со Бугарија, тогаш таквиот пристап значи дека проектот ќе заврши на првата секција. Значи, пак завршува негде кај што не може да се користи, прво. И второ, треба да имаме предвид дека станува збор за коридор, Албанија до Бугарија. Колку што имам јас почетни информации, на албанската страна веќе се гради. Така што, ќе треба да го видиме малку пошироко на ниво на коридор целиот проект“,
рече Муртезани.
Во однос на железничкиот Коридор 8, од МНР посочија, Република Северна Македонија е свесна за геостратешкото значење и како земја реализира бројни активности за регионално поврзување и завршување на оската Запад-Исток.
„Земјаќи ја предвид геополитичката позиција на транспортните коридори 8 и 10, Република Северна Македонија ги презема сите неопходни активности за нивна доизградба и модернизација. Во делот на патната инфраструктура оваа година се завршува изградбата на експресниот пат од Куманово до Крива Паланка и преку завршената рехабилитација на патниот правец од Крива Паланка до границата со Бугарија, што претставува вкупна инвестиција од 105 милиони евра, со што ќе се создаде ново модерно патно решение, кое значително ќе влијае врз размената на добра и услуги, како и на зголемување на економската соработка меѓу двете земји“,
се вели меѓу другото во соопштението на МНР.
Министерството оценува дека изградбата на патната и железничката инфраструтруктура во регионални рамки ќе биде успешно реализирана само ако сите земји долж Коридорот 8 континуирано преземаат заеднички активности за нивен развој и модернизација.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна потенцираше дека земјва сака да го направи Коридорот 8, но порача дека е неодговорно да се влезе во авантура во која не се знае дали ќе има крај и кога ќе биде крајот.
Неговата реакција следеше откако бугарската влада изрази загриженост по најавите дека Скопје ќе бара од Европската банка за обнова и развој да ги пренасочи европските пари за изградба на железничката компонента од Коридорот 8 за брза пруга на Коридорот 10.
Но Мицкоски смета дека Бугарија за внатрешно – политички потреби ја политизира најавата на Владата, тврдејќи дека се работи за инженерски проблем, односно дека од бугарска страна не постои јасен проект.
Сето ова доаѓа во време кога специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во изјава за бугарски медиум минатата недела рече дека европскиот транспортен Коридор 8 е од стратешко значење за регионот и дека Скопје не може да ги менува транспортните политики на Брисел на своја рака.