Ексминистерот за европски прашања е еден од деветтемина нови амбасадори чиишто имиња поминаа на владина седница во февруари годинава
Поранешниот министер за европски прашања Орхан Муртезани објави дека ја презема функцијата амбасадор и постојан претставник на земјава во НАТО. Тој е еден од деветтемина нови амбасадори чии имиња поминаа на владина седница во февруари годинава.

„Нова должност, иста одговорност. За мене ова е ново професионално поглавје, но истовремено и продолжение на истата определба – Северна Македонија да биде сигурна дома, кредибилен сојузник и држава која има свој глас и придонес во евроатлантското семејство. Особено денес, кога безбедноста не може да се зема здраво за готово, членството во НАТО носи и привилегија и одговорност“,
напиша Муртезани во објава на Фејсбук.
Орхан Муртезани беше министер за европски прашања во периодот од јуни 2024 до декември 2025 година. Без образложение, тој беше разрешен од функцијата по локалните избори во 2025 година, кога неговиот сопартиец од Влен, Изет Меџити, го освои градоначалничкото место во Чаир и ја напушти функцијата министер за животна средина. На местата на Муртезани и Меџити во Владата беа избрани Беким Сали и Мухамед Хоџа.
По разрешувањето на Муртезани, премиерот Христијан Мицкоски најави дека тој ќе биде дел од неговиот кабинет, задолжен за следење на реализацијата на Реформската агенда.
