Премиерот Мицкоски во средата изјави дека би било наивно до Собранието да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство пред да се формира влада во соседна Бугарија која, како што рече, ќе може да преземе политичка одговорност
Не е време за хипотетички тези, туку за работа за изнаоѓање решение. Вака денеска одговори министерот за европски прашања Орхан Муртезани на прашањето дали Владата има план Б доколку Бугарија повторно не успее да избере политичка влада, со што би пропаднале очекувањата на властите во Скопје да добијат релевантен соговорник во Софија за надминување на спорот поради кој се заглавени преговорите на земјава за членство во ЕУ.

На минатонеделните предвремени парламентарни избори во Бугарија, седми во последните четири години, победи коалицијата ГЕРБ-СДС предводена од поранешниот премиер на земјата Бојко Борисов, но во новиот состав на бугарскиот парламент влегоа уште седум партии, што ги прави изгледите за формирање на политичко мнозинство многу тешки.
„Мислам дека не е моментот да почнуваме со градење на хипотетички тези. Тоа што е важно во моментот е што сè што требаше да се каже е кажано, сега е време да се работи на изнаоѓање решение“,
рече Муртезани на денешната заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Микалис Рокас, по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на С Македонија во 2024 година.
Еден ден по изборите во Бугарија, односно во понеделникот, премиерот Христијан Мицкоски преку објава на Фејсбук соопшти дека имал телефонски разговор со лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, во кој изразил верба дека ќе се формира стабилна влада, со што ќе се најде решение и за одблокирање на нашиот пат кон Европската Унија.
Во претходна изјава за медиумите, во која ги изнесе истите очекувања, Мицкоски рече оти се надева дека во Софија ќе се формира влада од најмалку три партнери, а како што додаде, тоа не може да се случи без ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).
Еден ден пред изборите, премиерот, одговарајќи на прашањето кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП), посочи дека не би можел да издвои, но оти е логично да посакува да победи партијата со која се дел од Европската народна партија.
Во однос на уставните измени, Мицкоски во средата изјави дека би било наивно до Собранието да се достави предлог за уставни измени со одложено дејство пред да се формира влада во соседна Бугарија која, како што рече, ќе може да преземе политичка одговорност. Таков унилатерален потег, оцени премиерот, би значел целосно загрозување на евроинтеграциите на земјава кои, според него, се веќе загрозени од авантурите на претходната власт.
За да направиме чекор напред, рече Мицкоски, прво треба да добиеме каков било сигнал.
