„Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање за доброто на сите нас“, напиша премиерот на Фејсбук
Премиерот Христијан Мицкоски денеска имал телефонски разговор со Бојко Борисов, лидерот на десничарската партија ГЕРБ, која освои најмногу гласови на парламентарните избори во Бугарија. Во разговорот премиерот изразил верба дека ќе се формира стабилна влада, со што ќе се најде решение и за одблокирање на нашиот пат кон Европската Унија.

„Остварив искрен и пријателски телефонски разговор со Борисов, на кој со задоволство му ја честитав победата на сестринската партија ГЕРБ на парламентарните избори во Бугарија“,
напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
Според него, само со заеднички напори и дијалог можеме да градиме подобра иднина за сите граѓани во двете земји.
„Очекувам дека македонско-бугарските односи ќе продолжат да се развиваат во позитивен и продуктивен правец, водени од почит и разбирање за доброто на сите нас“,
вели тој.
Претходно премиерот изјави оти се надева дека во Бугарија ќе се формира влада и со која ќе може да се најде решение за одблокирање на патот кон Европската Унија.
Посочи дека очекува влада од најмалку три партнери, а како што додаде, тоа не може да се случи без ГЕРБ и коалицијата „Продолжуваме со промените – демократска Бугарија“ (ПП-ДБ).
Во саботата премиерот, одговарајќи на прашањето кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП), посочи дека не би можел да издвои, но оти е логично да посакува да победи партијата со која се дел од Европската народна партија.
Партијата ГЕРБ на Бојко Борисов победи на вчерашните парламентарни избори во Бугарија, седми одржани за последните четири години. Но, за да формира влада, ќе мора да најде коалициски партнер.
Со сегашните резултати девет партии влегуваат во бугарскиот парламент.
