Американските противтенковски гранати со осиромашен ураниум се предвидени како вооружување за тенковите „абрамс“ кои САД треба да ѝ ги испорачаат на Украина во следните месеци
Руската амбасада во Вашингтон ја осуди одлуката на САД, оценувајќи ја како „показател на нечовечност“
Соединетите Американски Држави ќе ја снабдат Украина со противтенковски гранати со осиромашен ураниум, како дел од новиот пакет воена помош вреден 175 милиони долари, објави Пентагон, пренесуваат светските медиуми.
Одлуката на САД, која е објавена за време на посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Киев, наиде на жестоки реакции на Москва.
Инкау, пакетот од 175 милиони долари е дел од вкупната помош од над една милијарда американски долари што Блинкен ја најави вчера во главниот град на Украина, на првиот ден од неговата дводневна посета на земјата, пренесува „Гардијан“.
„Оваа нова помош ќе помогне да се одржи и да се изгради понатамошен моментум“,
рече Блинкен во Киев.
Ова е прв пат САД да испраќаат противтенковска муниција во Украина, а идентични најави уште пролетоска стигнаа и од Велика Британија. Американските противтенковски гранати со калибар од 123 милиметри се предвидени како вооружување за тенковите „абрамс“ кои САД треба да ѝ ги испорачаат на Украина во наредните месеци.
Руската амбасада во Вашингтон ја осуди одлуката на САД, оценувајќи ја како „показател на нечовечност“.
„САД се залажуваат со тоа што одбиваат да го прифатат неуспехот на таканаречената контраофанзива на украинската војска“,
велат од амбасадата.
Во објава на Телеграм, одлуката ја критикуваше и портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, која напиша: „Што е ова: лага или глупост“.
Инаку, осиромашениот ураниум е отпаден продукт кој настанува при облагородувањето ураниум за користење во атомските електроцентрали или при производството на атомско оружје, пишува „Дојче веле“. Тој е толку цврст што при ударот во целта не ја менува својата форма, поради што се користи за зголемување на ударната моќ на гранати и бомби.
Користењето муниција со осиромашен ураниум, според меѓународното право не е забрането, но е исклучително спорно прашање, затоа што металот е отровен – како за војниците, така и за луѓето кои живеат во областа каде што се користи при војувањето. Осиромашениот ураниум е 60 проценти помалку радиоактивен во споредба со радиоактивниот ураниум во природна состојба.
Според Комитетот за наука на Обединетите нации, за ефектите од атомското зрачење не се забележани знаци на значително труење предизвикано од изложеност на осиромашен ураниум, но друго тело на ОН – Меѓународната агенција за атомска енергија, вели дека е можен ризик од радијација врз поединци кои ракуваат со муниција со осиромашен ураниум, пишува Би-би-си.