Откако во текот на јули две жени, со кои оштетениот имал претходни деловни односи во врска со препродажба на опрема за копање криптовалути го запознале осомничениот со оштетениот и му ги дале неговите контакти, тој закажал средба со него и започнал да му се заканува дека ќе го загрози неговиот живот и неговите блиски доколку не му ги исплати парите за наводен долг од 16 500 евра кон двете жени
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 39-годишник осомничен за кривично дело – изнуда. Како што информира ОЈО-Скопје, осомничениот на 10 август, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со употреба на сериозна закана, присилил еден оштетен да му даде пари 7 000 евра.
Откако во текот на јули две жени, со кои оштетениот имал претходни деловни односи во врска со препродажба на опрема за копање на криптовалути го запознале осомничениот со оштетениот и му ги дале неговите контакти, тој закажал средба со него и започнал да му се заканува дека ќе го загрози неговиот живот и тело како и на неговите блиски доколку не му ги исплати парите за наводен долг од 16 500 евра кон двете жени.
„Му се заканувал дека ако не соработува ќе му влезе дома и ќе му го нападне семејството и децата, а во една можност и директно физички го нападнал на паркинг пред работното место удирајќи го со тупаници. Откако се договориле за време и место за првата рата од исплатата, оштетениот го пријавил и осомничениот бил затекнат при приемот на парите од изнудата“,
се вели во соопштението од Обвинителство.
Од ОЈО Скопје информираат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложил на осомничениот да му бидат определени: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните или други исправи за преминување државна граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица.