Прва задача на следниот собраниски состав е да го усвои Законот за спречување и заштита од дискриминација и да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати кои мора да бидат професионални, независни и навистина да делуваат како бранители на еднаквоста на сите граѓани, смета Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
„Усвојувањето на Законот за заштита и спречување на дискриминација беше победа за сите граѓани и еднаквоста. Нашата заложба не беше само да се изготви закон усогласен со ЕУ директивите и меѓународните стандарди, туку навистина да овозможува еднакви права за сите и ефикасна заштита од дискриминација“,
се вели во соопштението на министерството.
Со овој закон, велат тие, се овозможуваше еднаква заштита и достоинствен живот за сите граѓани и граѓанки на земјава.
„Законот, со вклучувањето на основите на сексуална ориентација и родов идентитет, ја прошири заштитата од дискриминација кон сите граѓани. Законското решение овозможува превенција и еднаков пристап до механизмите за заштита од дискриминација за сите граѓани. Основа за донесување на овој закон е токму Уставот на Република Северна Македонија, во кој се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот“,
се вели во соопштението.
Од МТСП велат дека процесот на подготовка на Законот бил транспарентен, вклучувајќи ги сите засегнати страни како домашни невладини организации, меѓународни организации и институции, а со добиени позитивни мислења од Венецијанска комисија, од Обединетите нации, од ЕУ и од ОБСЕ-ОДИХР.
„Ние веруваме дека државата, со ова ново законско решение, направи значаен чекор во борбата против сите форми на дискриминација, почитувајќи го и вклучувајќи го законодавството на ЕУ и меѓунардоните стандарди за човекови права. Министерството, во соработка со Националното координативно тело за недискриминација, започна со активности во насока на ефикасна имплементација на законот“,
велат од МТСП.
