Игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, е избран за нов епископ, додека отец Григориј ќе го замени досегашниот кумановскo-осоговски епископ, г.Јосиф
Синодот на МПЦ-ОА денеска го избра игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула антаниски според античкиот град Антанија кој бил епископско седиште.
Тој истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.
На денешната седница на Светиот архиерејски синод е прифатена и одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф да биде ослободен од митрополиската должност од здравствени причини, а за негов наследник е избран игументот на „Свети Јоаким Осоговски“, отец Григориј, за епископ сарандополски до моментот додека да биде интронизиран за кумановско-осоговски.
Од МПА-ОА соопштија дека отецот Партениј е избран едногласно, а Григориј со значително мнозинство.
Одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски да се повлече од митрополската должност, како што изјави портпаролот на МПЦ-ОА митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, е малку невообичаена и изненадувачка.
„За најголем дел од македонската јавност, вклучително и за мене како портпарол на Светиот архиерејски синод, не знаев дека е во таква состојба, дека ќе побара ослободување од архиерејска должност имајќи предвид дека е човек на 40-тина години“, изјави Тимотеј.
Наречението (објавување на веста пред верниците) за отец Партениј е закажано за 11 јули во манастирот „Свети Јован Бигорски“, а на 12 јули на празникот на светите апостоли Петар и Павле ќе се одржи хиротонијата во храмот Света Софија во Охрид.
За отец Григориј наречението е закажано за 25 во манастирот „Јоаким Осоговски“, а на 26 ќе се одржи хиротонијата во црквата Свети Никола во Куманово.