Владата да изгради став со кој целосно ќе се зачуваат македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура во рамките на европските вредности, а во овој процес историските прашања и Договорот за добрососедство со Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка, нагласуваат од МПЦ-ОА
Апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси, упати Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).
Синодот на МПЦ-ОА соопшти дека вчера на седница се освнрал на случувањата поврзани со нашиот евроинтеграциски процес.
Синодот, велат оттаму, очекува на транспарентен начин, Владата во содејство со сите надлежни општествено-политички фактори во македонското општество, да изгради став кој целосно ќе ги зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик и култура во рамките на европските вредности. Во овој процес, историските прашања и Договорот за добрососедство со Бугарија не треба да бидат дел од преговарачката рамка, нагласуваат од МПЦ-ОА.
„Изразуваме надеж дека бугарските власти ќе ја согледаат реалноста и ќе се отповикаат на препораките на меѓународните институции и ќе овозможат на македонското малцинство во Бугарија да ги оствари своите основни човекови права, впрочем, на реципроцитетна основа – имајќи го предвид барањето на бугарската кон македонската страна“,
се наведува во соопштението од МПЦ-ОА.
Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА, на својата редовна седница, одржана вчера, разгледа и повеќе прашања и настани поврзани со актуелниот црковен живот, при што ги усвои годишните епархиски извештаи, како во татковината така и во дијаспората, и ја проследи дејноста на црковните воспитно-образовни институции.