Поранешниот израелски премиер верува дека има притисок во владата на Нетанјаху за некаков симболичен напад врз иранската нуклеарна програма, иако, како што додава, таквиот гест би бил залуден. Сепак, тој смета дека значаен израелски одговор на иранскиот напад во вторникот вечерта сега е неизбежен и оправдан
Голема е веројатноста Израел да изврши голем воздушен напад врз иранската нафтена индустрија, како и симболичен напад врз воена цел поврзана со нуклеарната програма на Техеран, смета поранешниот израелски премиер Ехуд Барак.
Според него, нема сомневање дека ќе има израелски воен одговор на нападот на Иран во вторникот со над 180 балистички ракети, од кои повеќето беа пресретнати, но дел паднаа во и околу густо населени области и израелски воени бази.
„Израел има огромна потреба, дури и императив, да одговори. Мислам дека ниту една суверена нација на Земјата не може да не одговори“,
вели Барак во интервју за Си-ен-ен.
Поранешниот премиер, кој исто така беше министер за одбрана, за надворешни работи и началник на Генералштабот на армијата, вели дека моделот за израелскиот одговор може да се види во воздушните напади што војската на земјата ги изврши врз нафтените постројки, електрани и пристаништа под контрола на хутите во Јемен. Нападот се случи еден ден откако хутите истрелаа проектили кон меѓународниот аеродром на Израел надвор од Тел Авив.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека имало дискусии во Вашингтон за можен израелски напад врз иранскиот нафтен сектор, но не соопшти повеќе детали, ниту, пак, дали САД ќе поддржат таков напад, пренесува британски „Гардијан“.
Инаку, Барак, кој сега има 82 години, како министер за одбрана на Израел од 2007 до 2013 година, и во владата на Ехуд Олмерт и на Бенјамин Нетанјаху, беше меѓу најгласните застапници на барањето за бомбардирање на иранските нуклеарни постројки. Тој тогаш се обидуваше, но не успеа да го убеди поранешниот американски претседател Џорџ Буш, а потоа и неговиот наследник Барак Обама да ја вклучат војската на САД во една ваква кампања.
Според мултилатералниот нуклеарен договор од 2015 година, Техеран прифати строги ограничувања за збогатувањето ураниум и другите елементи од неговата програма во замена за олеснување на санкциите. Сепак, договорот постепено се распаѓа, откако САД се повлекоа од него во 2018 година за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.
Поранешниот израелски премиер верува дека има притисок во владата на Нетанјаху за некаков симболичен напад врз иранската нуклеарна програма, иако, како што додава, таквиот гест би бил залуден.
Сепак, тој смета дека значаен израелски одговор на иранскиот напад во вторникот вечерта сега е неизбежен и оправдан. Експремиерот на Израел тврди дека проширувањето на конфликтот во регионална војна можел да се спречи многу порано, доколку Нетанјаху го прифател планот на САД за поддршка на повоена палестинска влада во Газа што би ја заменила управата на Хамас. Наместо тоа, вели Барак, актуелниот израелски премиер се спротивставил на секое политички решение за „денот потоа“, што го признава палестинскиот суверенитет.
„Веројатно имаше неколку можности да се ограничи овој конфликт пред да се претвори во нешто налик на целосен судир на Блискиот Исток. Од причини кои не можат да се објаснат со ниту една стратешка логика, Нетанјаху отфрли секаков вид дискусија за она што го нарекуваме ‘ден потоа’. Не ја префрлам целата вина на Нетанјаху. Ова е во основа вина на Хамас и Хезболах и Иран кој стои зад нив. Но, откако го кажавме тоа, ние имаме одговорност да преземеме акција според одредена вродена логика која ја разбира ситуацијата, можностите и ограничувањата. Постои една стара римска поговорка: ‘Ако не знаете до кое пристаниште сакате да стигнете, нема ветер да ве однесе таму’“,
вели Ехуд Барак, кој беше премиер на Израел од 1999 до 2001 година.