Во сообраќајката со телесни повреди се здобила 42-годишната скопјанка М. Г. која била сопатничка во „пежото“

Триесет и тригодишен кичевчанец е загинат во сообраќајката што попладнево околу 14:30 часот се случила на патот Дебар – Струга, во близина на дебарското село Отишани, информираат од Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид.
Сообраќајката се случила меѓу патничко моторно возило „пежо-406“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 43-годишниот скопјанец Б. Г., и мотоцикл „дукати“ со кичевски регистарски ознаки,, кој бил управуван од 33-годишниот Б. Р.
Како што додаваат од СВР Охрид, на местото на сообраќајната незгода животот го загубил мотоциклистот, а неговата смрт била констатирана од екипа на Итната медицинска помош од Дебар.
Во сообраќајката со телесни повреди се здобила 42-годишната скопјанка М. Г., која била сопатничка во „пежото“. Жената била пренесена во дебарската Општа болница, каде што ѝ биле констатирани повредите.
На местото на сообраќајката бил извршен увид од јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција.
За време на увидот, сообраќајот на овој патен правец беше во прекин во двата правци од околу два часа, а од 17:55 часот, како што велат од Авто-мото сојузот на Македонија, тој е нормализиран.