Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја опиша ситуацијата на северот на Косово како „исклучително комплицирана“. Рече дека не е тајна оти „често се прават разни провокации против Србите“
Официјална Москва соопшти дека внимателно ја следи влошената и, како што ја нарече, „потенцијално опасната“ ситуација во Косово, еден ден откако на северот на земјата беше убиен припадник на косовската полиција.
Говорејќи на редовниот брифинг со новинарите, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја опиша ситуацијата на северот на Косово како „исклучително комплицирана“.
„Ситуацијата е исклучително комплицирана. Во Косово го гледаме историскиот предрасуден однос кон Србите, традиционално неурамнотежениот пристап кон нив. Ситуацијата е многу, многу напната и потенцијално опасна. Ја следиме многу внимателно“,
рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на редовниот брифинг со новинарите, јави Ројтерс.
Песков не го коментираше упадот на маскираните вооружени лица во православниот манастир во селото Бањска во северно Косово, велејќи дека не бил запознаен со деталите за конкретниот инцидент.
„Сепак, не е тајна дека често се прават разни провокации против Србите. И, се разбира, секогаш има многу врева околу овие провокации“,
додаде портпаролот на Кремљ.
Косовската полиција беше нападната рано утрината на 24 септември од група маскирани и вооружени лица, при што загина еден полицаец. Најмалку тројца од напаѓачите се убиени, а шестмина осомничени за поврзаност со вооружената група се уапсени. Косово и Србија меѓусебно разменија обвинувања за одговорност за насилството.