Вчера, Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), ја опиша ситуацијата во нуклеарната централа како „длабоко загрижувачка“ откако централата повторно остана без надворешно напојување со електрична енергија по интервенција од страна на руската војска
Претставници на рускиот нуклеарен оператор „Росенерготатом“ започнале процес на транзиција на нуклеарната централа Запорожје, односно нејзино приклучување кон енергетскиот систем на Русија, јавува руската државна новинска агенција Тасс.

Во информацијата Тасс го цитира советникот на генералниот директор на „Росенергоатом“, Ренат Карча, кој изјавил дека процесот на префрлање кон рускиот систем е веќе започнат.
„Ова подразбира голем број чекори, почнувајќи од документи, прописи и така натаму. Јасно е дека ќе има преоден рок за секоја компонента… Додека навлегуваме во процесот, истовремено ги анализираме сите процеси и развиваме конкретни решенија, вклучително и оние поврзани со складирањето на сите нуклеарни материјали“,
изјавил Карча.
Вчера, Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), ја опиша ситуацијата во нуклеарната централа како „длабоко загрижувачка“ откако централата повторно остана без надворешно напојување со електрична енергија по интервенција од страна на руската војска.
Украинската државна компанија „Енергоатом“, која управува со нуклеарната централа Запорожје, вчера ги обвини руските сили, под чија контрола е централата, дека запреле и не дозволуваат да помине конвој возила на компанијата што превезувал дизел-гориво потребен за генераторите на нуклеарната централа.
Русија и Украина досега повеќепати меѓусебно се обвинија за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа во еден од украинските региони што Русија ги анектира и ги прогласи за дел од својата територија.
Меѓународната агенција за атомска енергија пред еден месец испрати свој тим во нуклеарната централа Запорожје, кој по извршените проверки во извештајот наведе дека ситуацијата во централата е комплицирана и дека се потребни итни мерки за да се спречи нуклеарна катастрофа.
Директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, тогаш изјави дека состојбата во комплексот е многу загрижувачка и предупреди дека „си играме со оган“.