Лидерката на партијата и пратеничка во Собранието, која е дел од владејачкото мнозинство во интервју за МИА нагласува дека граѓаните и компаниите треба да ги ползуваат сонцето и ветерот што ќе влијае позитивно на нивниот буџет
Претседателката на ДОМ, Маја Морачанин вели дека партијата во периодот што следи ќе промовира и ќе бара усвојување законско решение со кое ќе се овозможи енергетска демократија, односно формирање енергетски задруги или кооперативи по модели што се прифатени во некои европски земји како Германија и Данска.
Лидерката на партијата и пратеничка во Собранието, која е дел од владејачкото мнозинство во интервју за МИА нагласува дека граѓаните и компаниите треба да ги ползуваат сонцето и ветерот што ќе влијае позитивно на нивниот буџет.
„Ние веќе сме во контакт со Зелените од таму (Германија и Данска) за да ги приспособиме решенијата за наши услови, бидејќи нас ни е идејата, во Македонија да се произведува електрична енергија од сонце и од ветер, но тоа да не биде само за бенефит на големите бизниси и компании, туку ние сите како граѓани да имаме бенефит од она што природата тука ни го дала, а сонце имаме во изобилство. Тоа секако ќе влијае позитивно и на буџетот на секое домаќинство, а ќе биде и во интерес на фирмите“,
вели Морачанин.
Таа бара да се овозможи топланите во Скопје зимава да работат само на гас за да не се дозволи градот, кој и онака е на листата на загадени градови, да биде уште позагаден, а граѓаните да се соочуваат со здравствени проблеми.
Во интервјуто, Морачанин тврди дека тие како коалциски партнер во власта сè уште не се информирани за разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со Алијанса за Албанците за влез во Владата.
Во врска со уставните измени, претседателката на ДОМ вели дека како партија остануваат на ставот освен други народи да нема други прашања за менување на Уставот, како и дека сега не е време за парламентарни избори.
Морачанин зборува и за негативните забелешки за политичкиот дијалог и за состојбата во Парламентот и потенцира дека сите пратеници треба да се одважат и да работат во интерес на граѓаните.
„Тоа мора да произлезе од дејствувањето на пратениците и на пратеничките групи, сите да се одважиме и да работиме во интерес на граѓаните, да ги оставиме овие партиски дневно политички игри настрана, бидејќи како што спомнав, граѓаните тоа го очекуваат и тоа го бараат. Ова што во изминатиов период се случува во Собранието, таков начин на дискусија со лични етикетирања, со навреди, дури со говор на омраза. Еве да се поврзам на Извештајот на ЕК, нотирано е дека политичари употребуваат дискриминирачки говор на омраза кон ЛГБТ и луѓето. Тоа е недозоволиво, а сите зборуваме за човекови права, за европеизација на општеството, за демократија“,
вели Морачанин.
Таа додава дека најголемата одговорност за ваквата состојба ја гледа кај политичарите.
„И потоа тоа се пренесува преку медиумите, нормално изјавите одат, стигнуваат до граѓаните и предизвикуваат уште поголема поларизација и недоверба на граѓаните во институциите во крајна линија. И потоа се чудиме зошто граѓаните не им веруваат на институциите“,
нагласува претседателката на ДОМ.