Синиша Алексовски, кој во јавноста е познат како советник на експретседателот Ѓорге Иванов, денеска е еден од сведоците во случајот „Монструм“.
За петкратното убиство на 12 април 2012 година рече дека дознал вечерта по полноќ, бил известен од страна на личниот телохранител на сопругата на експретседателот Маја Иванова, Оливер Наќески, кој е прв братучед на едно од убиените деца. Во тој период Алексовски бил државен советник за национална безбедност во МВР упатен да извршува работи задачи во кабинетот на Иванов.
Алексовски сведочеше дека се видел со родителите на официјална средба која тие ја имале со Ѓорге Иванов, по нивно барање, откако биле објавени „бомбите“. Тој присуствувал како дел од кабинетот на бившиот претседател.
Потоа, тој имал уште две средби со дел од родителите на убиените. Тие биле неформални, договорени преку телохранителот Наќески, а на иницијатива на родителите. Една од двете неформални средби била во 2015 период кога се објавуваа „бомби“, а другата била во 2017.
На првата неформална средба, раскажуваше Алексовски, татко на едно од убиените деца му раскажал за средбата со Зоран Заев на која лидерот на СДСМ споменал дека телефонот на Алексовски наводно испаднал на местото на настанот, како и тоа дека е можно возилото кое го користеле обвинетите да е сопственост на МВР, односно користено од „алфите“.

„Јас му одговорив дека сè уште ги поседувам истиот телефон и СИМ- картичката, дека не е точно дека сум го изгубил, ако сум ја изгубил картичката ќе ми изваделе нова, што може лесно да се провери дали е така. Во однос на возилото, посочив дека додека јас сум бил командант на единицата, а тоа е околу 30 месеци пред да се случи настанот, во возниот парк немало ‘опел омега’ туку имало ‘опел вектра’ вишна боја. По ноември 2009 не знам какви возила се користеле“,
рече Алексовски.
Втората неформална средба во 2017 година била бидејќи родителите биле загрижени и се распрашувале дали ќе ги тргнат обвинителите од СЈО од предметот, а тој им одговорил дека нема информации.
Одговарајќи на прашање на таткото на една од жртвите, Алексовски рече дека имал средба и со Заев.
„Со Заев имав две средби, од кои едната во кабинетот на претседателот и втората во Владата. Првата беше на мое барање, а втората на негово барање. На средбата беше соочен со извештаите кои првпат ги гледаше и баравме појаснување на шпекулациите, она што вам ви го кажал. Негираше дека мене лично ме спомнал и дека неговиот основ за сомневање на вклученост на единицата ‘Алфа’ е поради возилото ‘опел омега'”,
сведочеше Алексовски додавајќи дека го дал истиот одговор како и на родителите во врска со возилото.
Тој рече дека неколку пати го прашал Заев кој е изворот на, како што рече, лагите за него, но не добил одговор, како и дека побарал од тогашниот премиер да прекине да го злоупотребува неговото име.

Алексовски доби и прашање и за тоа дали имал информации дека нешто може да се случи пред петкратното убиство спроти Велигден, на што одговори дека пред секој таков верски празник се прават анализи за можни напади од екстремистички и радикални групи. Конкретна информација или сознание во писмена форма, рече, немало.
Во однос на други полициски дојави тој рече дека добил информација од полицискиот службеник Зоран Трајковски за некаква група која би можела да изврши вооружен напад на некоја полициска станица.
„Се видов со него и го прашав дали податокот е од директен извор или интерпретација и второ, дали тоа што ми го дојавил мене го напишал официјално на хартија како оперативна информација согласно стандардните процедури“,
рече сведокот.
*Поврзана вест
Мијалков сведочеше за „Монструм“ – не можеше да се сети на некои работи од пред 8 години