Министерството упати апел до раководството на Државниот испитен центар и до членовите на Државниот матурски одбор да ги испочитуваат роковите за полагање на екстерните испити од државната матура кои се предвидени во календарот за тековната учебна година и додаде дека матурантите треба да бидат консултирани за секој нов предлог околу полагањето
Правото на синдикално организирање за остварување на одредени права е неспорно, но тоа не смее да биде на штета на учениците чие понатамошно образование или вклучување на пазарот на трудот зависи токму од полагањето на државната матура и стекнувањето со диплома.
Вака Министерството за образование и наука (МОН) реагира на денешното излагање на претставници на Синдикатот на Државниот испитен центар (ДИЦ) кои соопштија дека не постигнале договор со вицепремиерот Фатмир Битиќи околу нивните барања за покачување на платите и дека продолжуваат со штрајкот.
МОН упати апел до раководството на ДИЦ и до членовите на Државниот матурски одбор да ги испочитуваат роковите за полагање на екстерните испити од државната матура кои се предвидени во календарот за тековната учебна година и додаде дека матурантите треба да бидат консултирани за секој нов предлог околу полагањето.
„МОН инсистира државната матура да се одржи на датумите кои се дефинирани во календарот за организација на учебната 2022/2023 година во јавните средни училишта, односно првиот екстерен испит да се полага на 27 мај, а вториот на 10 јуни“,
се наведува во соопштението на Министерството.
Во соопштението се додава оти МОН има целосно разбирање за вработените во Државниот испитен центар и за предизвикот со кој тие се соочуваат, но се вели дека дијалогот по однос на ова прашање треба и натаму да се води меѓу ДИЦ и Министерството за финансии, без притоа да се загрози полагањето на државната матура.
Претходно денеска, синдикалните претставници на Државниот испитен центар (ДИЦ) најавија дека продолжуваат со штрајкот, а оти со тоа во мирување ќе бидат сите процеси кои се во надлежност на ДИЦ.
Кажаа дека не постигнале договор со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи околу нивното барање за покачување на платите. Нагласија дека им било понудена исплата на К-15 – нешто што, како што рекоа, им следува со закон, а досега незаконски било спречувано да го добијат.