Министерот Адеми, пред крајот на учебната година, изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши здравствени околности на почетокот од учебната 2020/2021 година
Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава.
Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата коронавирусот.
„Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и во средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност“,
велат од Министерството за образование.
МОН го подготви концептот за учење од далечина заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, Македонскиот центар за граѓанско образование – МЦГО, наставници од основните и средните училишта и од високообразовните установи во земјава, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ-сферата.
Од МОН наведуваат дека сите заинтересирани најдоцна до 10 јули 2020 можат да придонесат во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ со доставување предлози и сугестии.
Поради опасност од ширење на заразата со ковид-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.
Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред крајот на учебната година изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши околности на почетокот од 2020/2021 година.