Атентатот на пратеникот предизвика гнев во Велика Британија и повторно го отвори прашањето за безбедноста на избраните функционери. Во дебата во јавноста што се подигна околу ова прашање, во изјавите од членови на британската влада, се посочуваше дека се размислува на пратениците да им се додели полициска заштита

Британското обвинителство поднесе обвинение против 25-годишниот Али Харби Али, Британец со сомалиско потекло, кој минатиот петок за време на средба во црква во близина на Лондон го уби британски пратеник Дејвид Амеш.
Би-би-си пренесува дека Али е обвинет за убиство и заговор за терористички напад.
Тој претходно не им бил познат на безбедносните служби, а неговиот татко бил поранешен советник на сомалискиот премиер.
Убиството на конзервативниот пратеник Дејвид Амеш уште од претходно британската полиција го окарактеризира како терористички чин.
Амеш (69), член на Конзервативната партија на Борис Џонсон и жесток поддржувач на „брегзит“, минатиот петок во попладневните часа неколкупати беше прободен со нож во методистичката црква во место на околу 60 километри источно од Лондон, каде што имаше средба со своите избирачи.
Веднаш по убиството 25-годишникот беше уапсен на местото на нападот.
„Првите елементи на истрагата открија потенцијална мотивација поврзана со исламистичкиот екстремизам“,
објави градската полиција неколку часа по убиството, а истрагата му беше доделена на Одделот за борба против тероризмот.
Атентатот врз пратеникот предизвика гнев во Велика Британија и повторно го отвори прашањето за безбедноста на избраните функционери. Во дебата во јавноста која се подигна околу ова прашање, во изјавите од членови на британската влада се посочуваше дека се размислува на пратениците да им се додели полициска заштита.