Предметот „Моќник“, по распределбата преку АКМИС во Основниот кривичен суд во Скопје, се паднал кај судијката Ленка Давиткова, а во наредниот период треба да биде закажано и првото рочиште.
Давиткова, според информациите на официјалната веб-страница на судот, е избрана за судијка во 2013 година и работи во кривичната материја.

Обвинението за „Моќник“ беше одобрено вчера. Од Основниот кривичен суд во Скопје соопштија дека се одбиени приговорите на одбраната, а обвинителниот акт е прифатен во целост.
Ова значи дека на обвинителна клупа ќе треба да седне пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е третообвинет и се товари за делата измама и за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со него обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама.
Останатите обвинети се Томе Аџиев како претседател на некогашната Комисија за лустрација и останатите девет нејзини членови.
Предметот се однесува за продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што ѝ е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра. Детали од обвинението прочитајте ТУКА.
Случајот „Моќник“ е е првата истрагата на СЈО, која беше преземена од страна на редовните обвинителства, а за која е поднесен обвинителен акт. На 4 септемри се поднесе обвинение за уште една истрага која од СЈО премина во рацете на ОЈО Скопје – случајот „Друмарина“ во врска со патните трошоци на експратеничката Силвана Бонева.