Иако во соопштението на МНР не е конкретно наведено за делегацијата на која земја членка на СЕ станува збор, сепак, како што недоамна информира министерот за надворешни работи Бујар Османи, Бугарија инсистирала преку амандмани во Резолуцијата да биде вметната формулацијата системска дискриминација, а во контекст на бугарската заедница во земјава
Резолуцијата, велат од МНР, е базирана врз наодите и препораките на мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои, меѓу другото, остварија и посета на земјава во ноември 2021 година
Министерството за надворешни работи попладнево официјално соопшти дека во процесот на усвојување на Резолуцијата на Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) за национални малцинства во С Македонија, биле поднесени многубројни амандмани од друга заинтересирана делегација, кои, како што наведуваат од МНР, не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на СЕ.

Иако во соопштението на МНР не е конкретно наведено од страна на делегацијата на која земја станува збор, сепак, како што недоамна информира министерот за надворешни работи Бујар Османи, Бугарија инсистирала преку амандмани во Резолуцијата да биде вметната формулацијата системска дискриминација, а во контекст на бугарската заедница во земјава.
Комитетот на министри на Советот на Европа на денешната седница ја усвои Резолуцијата за национални малцинства во Северна Македонија, но во неа никаде не се спомнува терминот системска дискриминација.
Денес, како што се наведува во соопштението од МНР, во Комитетот на министри на Советот на Европа беше комплетиран 5. циклус на редовна евалуација на Северна Македонија, во смисла на нејзино спроведување на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства.
Мониторинг-процесот кој трае определен период и низ кој циклично на 5 години поминува секоја земја договорна страна на Конвенцијата, кулминира со усвојување на Резолуција од страна на Комитетот на министри, појаснуваат од Министерството за надворешни работи.
Резолуцијата, велат оттаму, е базирана врз наодите и препораките на мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои, меѓу другото, остварија и посета на земјава во ноември 2021 година.
Мислењето е објавено на интернет-страницата на Советот на Европа во септември минатата година, а наскоро се очекува да биде јавно достапна и усвоената Резолуција.
„Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата беа поднесените многубројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на Советот на Европа“,
се наведува во соопштението.
Аргументацијата на високото мнозинството претставници, информираат од МНР, е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку тие треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба.
„Северна Македонија останува и во иднина посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и на малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, и отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права“,
е ставот на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија.
Инаку, во делот „Препораки за итна акција“ во Резолуцијата се наведува дека земјава треба да го подобри пристапот кон ромската заедница во остварување на нејзините права во рамките на образование, здравствената заштита и социјалните услуги.
Во Резолуцијата никаде не се спомнува терминот системска дискриминација, што било обид на Бугарија да се вметне преку амандмани за време на дебатата во Советот на Европа.
„Ниту една земја членка на Советот на Европа не даде поддршка. Тоа е поради тоа што ние сме докажале во пракса дека нема системска дискриминација и формулацијата системска дискриминација не влезе во таа резолуција. Ние мора да сме внимателни тоа да се случи и во Европската Унија“,
рече Османи на собраниската седница за пратенички прашања одржана на 26 јануари годинава.
Резолуцијата се однесува на спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства која Северна Македонија ја има ратификувано на 10 април 1997 година.