Од МНР додаваат дека во пожарите во Грција, според досегашните информации добиени од надлежните институции на земјата, меѓу загинатите нема државјани на Северна Македонија
Тројца македонски државјани, возачи на камиони, се евакуирани од областите каде има пожари во Грција и се на пат за Северна Македонија, информираат од Министерството за надворешни работи.
Едниот македонски државјанин, возач на камион чија приколка била опожарена додека поминувал преку подрачје зафатено со пожари, во близина на Александропулис е повреден.
„Возачот добил изгореници, кои се третирани во локалната болница. Во непосредна близина, се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, кој поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и на пат се кон Северна Македонија“,
се наведува во соопштението од МНР.
Од МНР додаваат дека во пожарите во Грција, според досегашните информации добиени од надлежните институции на земјата, меѓу загинатите нема државјани на Северна Македонија.
Од Министерството велат дека преку Амбасадата на Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун, одблиску ги следат состојбите и остануваат во тесна комуникација со грчките надлежни институции и нашите државјани, а доколку има нови информации, дополнително ќе дадат известување.
Оттаму апелираат до македонските државјани, доколку се наоѓаат во погодените подрачја и имaaт потреба за помош, да ја контактираат Амбасадата во Атина, преку следните СОС телефонски броеви: 00302106749585 / 00306944743071, и Генералниот конзулат во Солун на +30 698 720 0410 или Министерството во Скопје на +389 75 273 732.
Од МНР велат дека ја следат актуелната вонредна состојба во Грција, настаната како разултат на последните шумски пожари, кои резултираа со човечки жртви и други големи загуби.
„Во оваа прилика, би сакале да изразиме сочувство до семејствата на загинатите и да им посакаме брзо закрепнување на повредените“,
наведуваат од МНР.
Регионот Еврос, северно од Александрополис, во Грција е во пламен веќе неколку дена, а десетици села се евакуирани.