Пратеникот рече дека ќе започне програма во која и во Брисел и во Стразбур ќе докажува дека Македонија е бугарска, а бесен и затоа што Договорот за Фронтекс се потпишал на македонски јазик и сега, како што вели, тој е на пат да стане еден од официјалните јазици во ЕУ

Министерството за надворешни работи (МНР) ќе испрати нова вербална нота до официјална Софија откако бугарскиот пратеник Костадин Костадинов од националистичката Преродба денеска изјави дека „Македонија е бугарска“.
Формалната вербална нота, велат од нашето Министерство, ќе биде упатена до бугарското МНР.
„Министерството за надворешни работи и претходно веќе реагираше на изјавите на пратеникот и лидер на политичката партија ’Преродба‘ во која посочивме дека очекуваме надлежните институции и политички претставници во Република Бугарија да се оградат и да го осудат овој говор на омраза во кој неспорно се содржат и територијални претензии. Не само што овие пораки се директно спротивни на духот на Договорот за пријателство во чија суштина е меѓусебната почит како основа за унапредување на добрососедските односи, туку и пораки кои не се ниту во духот на европските вредности и нашето заедничко евроатлантско сојузништво“,
велат од МНР.
Костадинов денеска најави дека ќе почне специјална програма за да ги запознае европратениците во Брисел со, како што рече, филолошката и историската вистина за Македонија, а во бугарскиот парламент, пак, најави дека ќе претстави книга со досие за Никола Вапцаров во која поетот е дефиниран како Бугарин.
„Ќе зборуваме во ЕУ, Стразбур и Брисел за да биде јасно дека Македонија е бугарска, Македонија е Бугарија“,
вели Костадинов.
За отворањето на македонскиот клуб во Благоевград, пак, лидерот на Преродба рече дека е обид за провокација кој пропаднал бидејќи и потомците на Вапцаров биле присутни и ја покажале историската вистина.
„Оваа провокација не успеа, но нема да биде единствена и последна“,
рече Костадинов.
Тој денеска беше бесен и за потпишувањето на Договорот за Фронтекс со ЕУ на македонски јазик.
„Договорот кој предвидува заедничко обезбедување на границите со Фронтекс, е потпишан на македонски јазик, кој веќе е на пат да стане еден од официјалните јазици на ЕУ. Идејата за ветото што беше ставено беше строго да се запази двегодишниот период за да се решат сите прашања пред почетокот на преговарачкиот процес, а не откако тој ќе започне“,
рече Костадинов.
МНР пред десетина дена веќе испрати една вербална нота до Софија, исто така, поради изјава на Костадинов кој кажа дека сме втора бугарска држава.
Неколку дена претходно, беше испратена уште една, а во врска со изјавите на европратеникот и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, кој во видеообраќање, стоејќи пред карта на голема Бугарија, со делови на Албанија, Србија и цела Македонија во неа, европратеникот Џамбаски изрече куп навреди кон премиерот Димитар Ковачевски, но и кон македонскиот народ и држава.