По извршеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово, утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција, велат од МНР
Утрово се враќаат дома седумтемина државјани на Северна Македонија за кои македонското Министерство за надворешни работи (МНР) вчера рече дека се наоѓаат во хотел во близина на селото Бањска на северот на Косово каде што имаше вооружен напад.
Денеска од МНР преку соопштение велат дека по извршеното интервју и анализа од страна на полицијата на Република Косово утрово нашите државјани безбедно се упатени кон дома, придружувани од косовската полиција.
„Околностите во кои тие се најдоа беа сложени, имајќи предвид дека беа сместени во хотел, во непосредна близина каде што се случи вооружениот напад врз полицијата. Во текот на вчерашниот ден косовската полиција беше веднаш соодветно известена за оваа ситуација по редовните канали, а јас лично разговарав и со мојата колешка Доника Гервала-Шварц“,
вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Низ целиот процес, додава Османи, косовските служби ја гарантираа безбедноста на нашите државјани, а нашата амбасада во Приштина беше во постојан контакт со нив.
Од МНР синоќа рекоа дека Амбасадата на Северна Македонија во Приштина е во комуникација со претставници на Министерството за внатрешни работи на Косово, како и во директна комуникација со македонските граѓани. Косовската полиција го обезбедуваше хотелот каде беа сместени македонските државјани, а од МНР рекоа дека претставниците на Амбасадата остануваат во постојана и директна комуникација со нашите државјани и косовската полиција сѐ до целосно завршување на нивниот трансфер.
Информацијата, како што рекоа од МНР, ја добиле преку дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи.